Сметката на Орбан се остварува
17 јули 2024Виктор Орбан претседава со Советот на ЕУ помалку од три недели - ротациски. Но, Орбан успешно ја искористи претходно не особено впечатливата позиција за да ѝ предизвика максимална штета на надворешната политика на Европа во најкус можен рок. Унгарецот му се додворува на Путин со тоа што се противи на каква било помош за Украина. Тој им се додворува на властодршците во Пекинг. И, моментално, се претвора во разглас на Доналд Трамп - човекот во својата фиока има добро втемелени планови за мировно решение со Русија, им пишува Виктор Орбан на лидерите на ЕУ за своите неодамнешни искуства од патувањето.
Дипломатска воздржаност е задолжителна
Се разбира, секој шеф на влада во Европската унија има право да патува и да ги следи своите надворешнополитички цели. Но, тоа не важи за Претседателството на Советот на Унијата. На оваа позиција дипломатската воздржаност е врвна обврска на политичарите шест месеци. Треба да се биде непристрасен посредник и лојално да се застапуваат заедничките цели на ЕУ. Наместо тоа, унгарскиот премиер го користи Претседателството на Советот исклучиво за свои лични цели. Неговата цел е да создаде врски од Москва преку Пекинг до Доналд Трамп, тој сака да изгради мрежа на непријатели на демократијата и противници на владеењето на правото. Со себеси како истурена станица во Европа. На крајот на краиштата, тој не само што го измисли терминот нелиберална демократија, туку низ годините и прилично се доближи до идеалната цел за демократија на еден човек во сопствената земја.
Постојат ефективни мерки
Не е ни чудо што вакво нешто ги иритира другите шефови на влади. А, најраздразнета е Европската комисија. Таа не сака веќе да испраќа комесари во Будимпешта на вообичаените министерски состаноци, а можеби дури и ќе се организираат контранастани во исто време. Тоа се дискутира како крајна казна. Орбан ќе може да ја преболи. И веројатно ќе се смее на тоа затоа што неговите сметки повторно се остваруваат: Европа е поделена, а другите бегаат од вистинско, болно одвраќање. Поефикасна мерка ќе беше одземање на претседателството. Или одземање на правото на глас во ЕУ, што би била вистинска загуба за човекот од Будимпешта што сака да изигрува шеф. Тоа би било можно, но за такво нешто би требало да се најде силно мнозинство.
Изолација на Орбан не успева веќе 14 години
Орбан е на власт 14 години и 14 години е невозможно тој да биде изолиран. Милијарди евра од ЕУ исчезнаа низ корумпирани канали, Орбан редовно си даваше подароци себеси и на своите најблиски - од неговиот зет преку неговиот школски другар до заслужните партиски пријатели. Парите од Брисел беа замрзнувани предоцна и повторно одмрзнувани прерано. И предолго Орбан беше во можност да ги продава милијардите како потврда за својата демонтажа на демократијата. Со други зборови, парите на европските даночни обврзници го поттикнаа подемот на Орбан. А, поранешната канцеларка Ангела Меркел секогаш ја држеше заштитнички својата рака над Орбан, тој беше во можност да расте и да напредува во топлото гнездо на европското христијанско-демократско партиско семејство.
Авторитарниот национализам веќе има имитатори
Фактот дека Унгарецот ја започна својата кариера како антикомунистички борец за слобода, му донесе симпатии од конзервативците. Тоа што тој сега отворено е фан на Путин досега остана неказнето. Напротив: неговиот авторитарен национализам веќе има имитатори во другите источноевропски земји-членки, големиот пример од Будимпешта е едноставно премногу охрабрувачки. Ако остатокот од ЕУ сега реагира на сојузот со Москва, Пекинг и Трамп само со бојкот на конференции, тогаш Орбан нема да биде импресиониран. Петте месеци што му преостанаа во претседателството на Советот на ЕУ ќе ги искористи креативно за да продолжи да ѝ нанесува максимална штета на ЕУ.