Смртоносен топлотен бран во Грција
28 јуни 2024Безживотното тело на 68-годишен турист од Германија беше пронајдено во понеделникот (24.06) во непристапна област, во клисура во близина на Ханија на Крит. Станува збор за маж кој го поминувал својот одмор со сопругата на најголемиот грчки остров. Планирал да направи планинска обиколка од висорамнината Омалос до Сугија на Либиското Море. Вкупното растојание е 24,5 километри и потребни се приближно осум часа пешачење. Не е особено тешка тура ако добро се подготвите и времето е поволно.
Во овој случај, се чини дека ниту еден од тие два услови не е исполнет. Се претпоставува дека туристот ја изгубил ориентацијата поради големите горештини и тргнал во погрешен правец, кон непристапен терен. Веројатно немал доволно вода. Кога во неделата (23.06.) не и одговорил на сопругата, таа го пријавила како исчезнат. Веднаш е започната спасувачка акција со учество на пожарникари и спасувачки екипи. По неколку часа спасувачите успеале да го лоцираат сигналот од неговиот мобилен телефон и го пронашле неговото тело.
Ова е шестиот турист кој настрада во јуни 2024 година додека планинарел во Грција. А, најмалку три лица се водат како исчезнати - 59-годишен пензиониран американски полицаец на островот, како и две Французинки кои имаат 64 и 73 години на островот Сикинос.
Рекордни температури
Вакво нешто не се памети во шести месец во Грција. Обично ова е летен месец со најниски температури. Токму затоа во тоа време доаѓаат повозрасни странски туристи. Во јуни е можно дури и пешачење и планинарење по голите Киклади, бидејќи подоцна тоа е невозможно.
Овој јуни температурите се рекордно високи. Некои туристи тоа го игнорираат и плаќаат со глава. А, топлотниот бран не престанува. Во некои области, како што е Самос, температурата се искачи до 40 степени. Во Ханија на Крит се измерени дури 44,5 степени.
Христос Јанарос, е главен координатор на истражувачкиот проект „Топлотен аларм“ во Атина. Тој објаснува дека жртвите биле изложени на топлотен стрес, кој бил предизвикан од невообичаено високите температури на почетокот на јуни и физичкиот напор при одење. Притоа, пресуден е фактот дека се работи за постари луѓе: „Постарите луѓе полесно ја акумулираат топлината во телото и потешко се ослободуваат од неа. Затоа полесно развиваат симптоми на топлотен удар“. И во тој случај, полесно се губи ориентацијата и чувството за време, па побрзо се изложувате на опасност.
Покрај тоа, најголем број туристи доаѓаат од земјите со постудена клима. По пристигнувањето во Грција веднаш се изложени на високи температури, без време за аклиматизација. А, тоа е неопходно дури и за локалното население, предупредуваат лекарите. Вообичаено, човечкото тело треба постепено да се навикне на потоплите денови во текот на пролетта. Но, кога топлотниот бран ќе дојде толку рано и со таква сила, тој е опасен по здравјето на луѓето.
Смртоносно невнимание
Однесувањето на некои возрасни туристи кои ги игнорираат предупредувањата и покрај жештината е необјасниво. Бројни туристи се пожалија на одлуката на атинските власти да го затворат Акропол во најжешките часови, за да не се онесвестат луѓето од жештините.
Во овој жежок јуни, некои туристи не биле подготвени за патувањата на кои заминале.Според грчките медиуми, дел од туристите не ни знаеле дали патот е стрмен или колку е долг. Други тргнале на планинарење веднаш по ручекот, со полн стомак, алкохол во крвта и во неподнослива топлина. Некои не понеле мобилен телефон. Други мислеле дека сигналот не може да се изгуби, се потпирале на интернет мапи и се изгубиле.
Смрт на новинар
Особено трагичен беше случајот со познатиот британски лекар и новинар Мајкл Мозли. Шеесет и седумгодишниот Мозли беше и презентер за Би-Би-Си. Тој одморот го поминувал на источноегејскиот остров Сими. На 05.06.2024 година тргнал пеш од градот Агиос Николаос кон селото Педи. Имал само шише вода и немал мобилен телефон. Исчезна. Подоцна официјално беше кажано дека „тргнал на погрешен пат“ и дека паднал на тешко достапно место.
По него четири дена трагаа спасувачки екипи, пожарникари, полиција и цивилна заштита. Беа ангажирани и кучиња трагачи, дронови, па дури и хеликоптер. На крајот, тој беше пронајден мртов на само неколку метри од неговата омилена плажа со многу луѓе и барови. За жал, бил сокриен со висок ѕид.
Повеќе среќа имале двајца израелски државјани. Се изгубиле на планината Мајнало во Аркадија, на Пелопонез. Тие се пронајдени далеку од нивната цел, селото Витине. За среќа, беа живи и здрави.