1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија избира нова влада, дали и нова политика кон Скопје?

6 јуни 2023

Бугарија ќе чека да види дали кај нас ќе поминат уставните промени и дотогаш не треба да се очекува промена во нивната позиција, вели поранешниот македонски амбасадор во Софија, Ѓорги Спасов.

https://p.dw.com/p/4SEkx
Бугарија влада Софија
По десетмесечна пауза Бугарија повторно би требало да има редовен кабинетФотографија: BGNES

Бугарското Народно собрание денеска напладне (6.06) на вонредна седница треба да гласа за избор на нова редовна влада, чиј состав е договорен и предложен во мандатот што го доби втората политичка сила по последните избори, коалицијата на „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ). Владиниот предлог за првпат во историјата на Бугарија предвидува ротациски премиер. Мандатарот на ПП-ДБ, академик Николај Денков треба да биде премиер во првите девет месеци, а во следните девет премиер треба да биде Марија Габриел од ГЕРБ-СДС, која во првододелениот мандат не успеа да обезбеди мнозинство за формирање влада.

Со цел земјата да излезе од лавиринтот на службени влади, да се стави крај на политичката криза и со здружени сили да се посветат на актуелните предизвици за земјата, на предлог на ГЕРБ-СДС беа почнати и завршени разговорите за формирање на кабинетот „Денков - Габриел“, со кој по десетмесечна пауза Бугарија повторно би имала редовен кабинет. Во деветмесечниот премиерски мандат на Денков, Марија Габриел треба да биде вицепремиер и министер за надворешни работи.

Освен што првпат се предлага ротациски премиер, вниманието е фокусирано и кон фактот што ПП за кратко време израсна во прворангирана или второрангирана партија во изборните циклуси, профилирајќи се токму како жестока анти-ГЕРБ партија. Во владиниот мандат на ПП дури и беше приведен поранешниот премиер на ГЕРБ, Бојко Борисов. И покрај тоа, жестоките политички опоненти постигнаа договор за влада. ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ имаат вкупно 132 пратеници, што е доволно за избор, но според бугарските медиуми, не е јасно дали сите нивни пратеници ќе гласаат „за“.

Марија Габриел и Николај Денков
Марија Габриел и Николај Денков ќе ротираат на премиерската функцијаФотографија: BGNES

И тие ќе гледаат што ќе се случува кај нас

Што би значел изборот на Кабинетот Денков-Габриел за македонско-бугарските односи, ако се има предвид дека токму во мандатите на ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ се случија и најголемите турбуленции, но и формалните исчекори. Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Скопје и Софија од 2017 година беше потпишан во мандатот на владата на ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов. Три години подоцна (2020 година) во мандатот на истата влада Бугарија стави вето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

Во мандатот на владата на ПП-ДБ предводена од Кирил Петков беа направени обиди за релаксирање на односите преку контакти и проекти на меѓуресорски групи од двете земји, но неговата влада падна откако од неа замина партијата ИТН на Слави Трифонов, меѓу другото и поради темата „Македонија“, односно обвинувања дека „Петков води паралелна надворешна политика различна од официјалната што ја затапува министерката за надворешни работи Теодора Генчовска“, кадар на ИТН.

Но, Народното собрание во јуни 2022 година го усвои т.н. француски предлог, со кој се деблокира почетокот на преговорите на РСМ со ЕУ, за што „за“ гласаа и ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС. Двете коалиции се прокламираат како проевропски парти, наспроти дел од другите кои го имаат епитетот „проруски“ и ги критикуваат партиите кои со прифаќањето на францускиот предлог ги предале националните интереси на Бугарија. Една од нив е „Преродба“ која ги повика нејзините поддржувачи да дојдат денеска на протести пред Народното собрание за време на гласањето за предложената влада, но и на втор протест во сабота.

Софија зграда на владата
Што би значел изборот на Кабинетот Денков-Габриел за македонско-бугарските односи?Фотографија: picture alliance/ZB

Каков соговорник и партнер би добила РСМ во потенцијалниот Кабинет Денков-Габриел?

„Добро е ако Бугарија конечно добие влада, иако никој не може засега да каже како таа ќе функционира со мандат од 18 месеци и со промена на премиерите по 9 месеци“, вели поранешниот македонски амбасадор во Софија, Ѓорги Спасов.

„Но од првите изјави е јасно дека ќе биде направен обид за некој вид национално единство и успешна соработка меѓу претседателот Радев, Владата и Собранието. Бугарија ќе чека да види дали кај нас ќе поминат уставните промени и дотогаш не треба да се очекува промена во нивната позиција. Ако дојде до тие промени во нашиот Устав, тогаш ќе се види која политика ќе ја застапува новата бугарска влада. Дали ќе излегуваат со нови барања, провокации и закани, или ќе сфатат конечно дека претераа и ќе започнат процес на помирување и соработка“, вели Спасов.

Тој смета дека засега главните политички актери во новата влада не се разликуваат во нивната политика кон Македонија и дека во овој период ќе бидат под силно влијание на Радев, кој е најрадикален.

„Нас ни останува надежта дека во натамошните разговори за членство во ЕУ за сите деликатни прашања во односите со Бугарија ќе се дебатира на масата на која ќе бидат и другите членки на ЕУ и дека тие нема да дозволат нови уцени, закани и блокади. Но, добро е ако следната година и половина има нова влада во Бугарија, која можеби ќе сака да покаже успех и во подобрувањето на односите со Македонија“, оценува амбасадорот.

Северна Македонија Бугарија знамиња
Бугарија ќе чека да види дали во Скопје ќе поминат уставните измени, оценува Ѓорѓи СпасовФотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Повторено „не“

Но, засега е исто толку (не)извесен и одговорот на прашањето - дали во Скопје ќе поминат уставните измени. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вчера од Велес уште еднаш повтори каков ќе биде неговиот став на утрешната тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски.

„Јас, Христијан Мицкоски, ќе дојдам на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има. Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси. Македонија не е на распродажба“, рече Мицкоски.

Притоа порача дека она што го бара од меѓународниот фактор и од Европската Унија е фер шанса за Македонија.

„Фер шанса, онаква каква што имале сите народи и држави кои пристапувале кон Европската Унија и од кои не се барало себеодрекување и кои се охрабруваа и поддржуваа на патот кон ЕУ. Одговорно ви тврдам дека нема друг пример и нема поголема жртва дадена од друга држава на патот кон ЕУ како нашиот случај со нашата Македонија. Европските бирократи мора да го вреднуваат напорот што Македонија го даде на патот кон Европа кое несомнено е потврда за стратешката ориентација која неспорно ја имаме“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски, не се точни тврдењата на власта дека ако не се прифатат уставните измени државата ќе влезе во изолација и дека немало подобар договор од сегашниот.