Софија реагира до Скопје за неточни изјави за Бугарија
7 март 2024Министерството за надворешни работи категорично се спротивставува на обидот за повторно вовлекување на Бугарија и нашите билатерални односи во внатрешно-политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната предизборна кампања.
Ова се наведува во соопштението на бугарското МНР, кое објави дека го повикало вонредниот и ополномоштен амбасадор на РСМ во Софија „во врска со неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната држава и од нив распространетите неточни тврдења во однос на Република Бугарија“.
„Бугарија постојано поддржува конструктивен тон и се воздржува од коментари на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествено спокојство за да може да се реализираат неопходните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не наидуваат на разбирање и не се ценат од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како оправдување за недостигот од напредок пред своите граѓани“, се вели во соопштението.
Во него, бугарското МНР уште еднаш ја поканува политичката елита во Северна Македонија да ја покаже неопходната политичка зрелост, да даде конструктивен придонес за исполнување на преземените политички обврски во рамките на компромисот од 2022 година и Договорот за добрососедство од 2017 година.
„Тае единствената можност за постигнување реален напредок во процесот на европска интеграција на земјата во полза на нејзините граѓани“, порача Софија.
Кој бараше реакција?
Во соопштението не е прецизирано на кои политичари и тврдења се однeсува реакцијата, но таа, случајно или не, доаѓа по јавната реакција на бугарската партија ВМРО, која побара од бугарското МНР итно да го повика амбасадорот на Северна Македонија во Софија, во врска со изјава на претседателот Стево Пендаровски поради „говор на омраза кон бугарската држава“. Соопштија дека нивен член, европратеник, испратил и официјално барање за тоа до премиерот Денков и вицепремиерката и шефица на дипломатијата, Марија Габриел. Реакцијата се однесува на изјава на Пендаровски на ТВ Сител, која беше пренесена во бугарските медиуми.
Прашан за неговата неодамнешна изјава „дека ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ ако таа партија ги внесе Македонците во бугарскиот устав“, Пендаровски објасни дека му е многу жал што морал да најде специфичен начин - низ пародија да покаже дека му пречи кога некој со години ги лаже граѓаните.
„Дај Боже, не утре, денес да бидат Македонците во бугарскиот Устав, народ наш, тамошно малцинство кое е малтретирано со децении и децении, 70-80 години минимум. Страшни тортури и голготи има поминувано. Меѓутоа, кажете го тој волшебен начин. Како вие ќе ги ставите? Клучен фактор денес во бугарската влада е Бојко Борисов. Бојко Борисов е човекот кој го потпиша тој Договор (за пријателство и добрососедство - н.з.) во 2017 година, лично. И сега тој човек ќе рече ‘пу-пу не важи, можеме да направиме подабар договор за Македонците?’ Јас не верувам во тоа“, рече Пендаровски на ТВ Сител, објаснувајќи зошто морал за една многу сериозна тема на пародичен начин да ѝ порача на опозицијата - „предложете нешто друго, немојте да нѐ лажете гледајќи нѐ в очи“.
Слобода на здружување
Бугарија и билатералните односи со РСМ се присутна тема во јавниот дискурс во двете земји, најчесто низ призмата на францускиот предлог, односно обврската за уставни измени со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот Устав. Но и со овдешно очекување да се промени третманот на Македонците во Бугарија во однос на нивното право на здружување, особено по бројни пресуди од ЕСЧП кои Софија не ги спроведува.
Тоа прашање во декември лани беше третирано и од Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, кој во најновиот извештај нотираше дека постои загриженост поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи во Бугарија им е забрането правото на собир и здружување.
„Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците. Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување“, е наведено во забелешките за Бугарија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој учествува на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), вчера во еден дел од неговиот говор се осврна на ограничувањата на земјата на европскиот пат.
„Морам да се осврнам и на неправедните ограничувања со кои се соочи мојата држава на својот пат кон Европската Унија. Динамиката меѓу Бугарија и Македонија воведе неоправдани пречки кои негативно влијаеја на нашиот пат кон пристапување во ЕУ. Иако сме посветени на решавање на овие прашања преку дијалог и меѓусебно почитување, императив е да се признае дека овој процес бара реципроцитет. Како колеги европски држави, од витално значење е праведно да се ангажираме едни за други, признавајќи дека нашата заедничка иднина во ЕУ е заемно корисна и меѓусебно поврзана. Европската Унија претставува светилник на надеж за многумина. Наша заедничка должност е да се погрижиме овој светилник подеднакво да свети на сите аспиранти, водејќи ги и поддржувајќи ги во текот на понекогаш тешките реформи неопходни за интеграција. Овој конгрес треба да нѐ потсети на нашата колективна одговорност да негуваме Европа која е инклузивна, праведна и ја негува различноста“, истакна Мицкоски.
Напори за асимилација
Реакции на политиките на Софија доаѓаат и од македонската заедница во Албанија. Делегација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) вчера остварила средба со претставници на Советот на Европа и советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во Стразбур. Ова го објави лидерот на партијата, Васил Стерјовски, кој соопшти дека доставиле и посебен извештај за мешањето на бугарските власти во пописот во Албанија.
„На средбата го претставивме посебниот извештај подготвен од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за пописот во Албанија, каде документирано е евидентирано директното мешање на бугарските власти и екстремистичките групи од Бугарија за време на пописот, молчењето на албанските власти, како и напорите на Бугарија за асимилација на Македонците во Албанија“, објави Стерјовски на неговиот профил на Фејсбук.