Шолц: ЕУ со 36 членки ќе има поголема политичка тежина
15 октомври 2022„Европска унија со 27, 30, 36 држави и со преку 500 милиони слободни и рамноправни граѓани може да добие уште поголема тежина во светот“, изјави германскиот канцелар денеска во Берлин на Конгресот на Партијата на европските социјалисти.
Олаф Шолц потенцираше дека Европската унија во денешниот свет од близу десет милијарди жители, би располагала со најголемиот внатрешен пазар, со водечки научни и истражувачки институции, иновативни фирми и стабилни демократии, со што уште подобро би ги застапувала своите вредности.
„Се залагам за проширување на ЕУ, нејзиното натамошно растење кон исток за сите нас е добивка“, рече Шолц, со дополнување дека земјите кандидати како Украина, Молдавија и државите од Западен Балкан, а во перспектива и Грузија, мора пред приклучувањето да ги исполнат потребните критериуми.
ЕУ пак за да ја подобри својата способност за проширување, мора да спроведе реформи. Германскиот канцелар повторно се заложи за постепен премин од принципот на едногласно одлучување кон принцип на носење мнозински одлуки во надворешната политика и прашања од областа на даночната сфера.
„Знам дека на овој план треба да вложиме уште многу убедувачки напори, но сакам да сум јасен: ако наша цел е силна геополитичка Европа, тогаш одлуките на мнозински принцип се добивка, а не губење на суверенитетот,“ дециден е Шолц.
За премин од едногласно кон мнозинско одлучување се залага и Партијата на европските социјалисти во своја декларација.
Конгресот на европските социјалдемократи и социјалисти усвои резолуција за натамошна поддршка на Украина, вклучувајќи и воена, и натамошни санкции против Русија.
На Партијата на европски социјалисти и` припаѓаат 33 социјалдемократски партии во Европа.