Шолц: Не треба да има нови услови за С. Македонија
28 јуни 2023„Германија сериозно ја сфаќа ЕУ перспективата на земјите од Западен Балкан, а тоа особено важи за Северна Македонија“, порача германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференција во Берлин пред билатералната средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
„Имаме особена почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува на патот кон ЕУ“, рече Шолц.
Коментирајќи ги најавите од Бугарија дека уставните измени се само првиот од условите што Северна Македонија треба да ги исполни на патот кон ЕУ, Шолц беше дециден дека такво нешто не е договорено.
„Не, тоа е јасно договорено. Треба да биде редовен пристапен процес согласно постапките на ЕУ и не треба да дојдат други кои се однесуваат на билатералните односи. Тоа е мојот став“, рече Шолц.
Ковачевски: Се заканува вето од внатре
Ова е втора билатерална средба на германскиот канцелар и македонскиот премиер во последната година. Шолц дојде во Скопје на 11 јуни минатата година, тогаш во поддршка на ткн. француски предлог.
Македонскиот премиер Ковачевски посочи дека уставните измени не се идентитетско прашање, „со оглед дека тие прашања се веќе решени со Преговарачката рамка и во другите документи". Тој уште еднаш ја повика опозицијата да ги поддржи измените.
„Ние сега немаме вето од надвор туку ветото може да дојде од внатре, и затоа ги повикувам пратениците од опозицијата да го поддржат овој процес“, рече Ковачевски.