Веројатно ниту еден германски канцелар досега не патувал во Кина во толку тешки услови како Олаф Шолц, кој во петок (4.11) оди во посета на Пекинг. Неговата влада е поделена по прашањето околу односот кон Пекинг. Тоа се виде јасно и во спорот околу уделот на големата бродска компанија Коско во пристаништето во Хамбург, кој граничеше со хистерија.
Во европското соседство со недоверба се гледа на одлуката на Шолц, при еднодневната посета на Пекинг во делегацијата да вклучи претставници на стопанството. Тоа личи на продолжение на политиката од ерата на канцеларката Ангела Меркел, кога односите со Кина во прв ред претставуваа поттик за стопанството.
Заострено ривалство
На глобално ниво се заострува ривалството помеѓу САД и Кина. Ова во Берлин го покренува прашањето како да се позиционира во конфликтот меѓу најважниот партнер на полето на безбедноста и заеднички вредности од една страна, и најважниот трговски партнер од друга.
Вашингтон сака спорот со Пекинг да го претстави не само како судир на демократија и автократија, туку и како борба меѓу доброто и злото. Вашингтон очекува послушност од сојузниците.
Како тоа да не е само по себе доволно, шефот на кинеската држава и лидер на партијата Ши Џинпинг неодамна беше реизбран на функцијата за уште пет години и дополнително ги прошири своите диктаторски овластувања. Шолц е првиот шеф на западна држава што се среќава со новиот, помоќен Ши.
Посета со можности
Во оваа посета се кријат можности: да се зборува за задачата на човештвото да ја заштити климата, која без Кина не може да биде исполнета. Или пак за војната на Русија против Украина, за да се види колку влијание Пекинг евентуално има врз Москва и дали мисли да го употреби. Можност да се разговара за тензиите во Тајван, за човекови права, за односот спрема малцинства како Ујгурите. И кога веќе патува со бизнисмени во Кина, тоа е можност да се разговара за еднаков пристап до пазарите, што е поважно отколку склучувањето нови зделки и би им било од корист и на европските партнери.
Во Пекинг, Шолц ќе мора да покаже како ќе биде постигнат во Германија често цитираниот баланс меѓу партнерство, конкуренција и стратешко ривалство во однос на Кина. Поранешната наивност во односот со Кина сега веќе е минато. Но, не треба да биде ни заменета со хистерија. А, понекогаш така звучи кога се зборува за опасностите од зависноста на германската економија од Кина. Многу повеќе е потребна стратегија, но засега не може да се препознае дека такво нешто постои.
Да се бараат нови партнери
Економските релации со втората најголема економија во светот секогаш ќе бидат важни. Прекин не е ниту реалистично сценарио, ниту пак тоа е посакувано. Но, и водечките луѓе во компаниите одамна сфатија дека е неопходна диверзификација, како во однос на пазарите, така и во однос на ланците на дистрибуција. Треба да се бараат нови партнери без откажување од Кина.
За светот и мирот не е добро што е во голема мера прекинат дијалогот меѓу Пекинг и Вашингтон. Со исклучок на меѓусебните обвинувања, тие и немаат што многу да си кажат, а отпорот спрема Кина е единственото нешто што ги поврзува инаку безмилосно раскараните политички табори. Дотолку поважно е што Европејците остануваат во дијалог со Кина - посебно што нивните интереси не се исти како на САД.
И Шолц треба да настапува како Европеец. Кога претседателот на Франција, Емануел Макрон, на неговото последно патување во Кина, во 2019 година, со себе зема и еден член на германската влада, тоа беше јасен знак за европското единство. Само во заедништво земјите од Европа имаат доволно тежина за да остават траен впечаток во Пекинг. Без Европа на „излетот” на Шолц му недостига значаен елемент.