Шолц во Москва? Владата зборува за „клевета“
7 јануари 2025За негови околности, претежно смирениот канцелар Олаф Шолц беше навистина, а исто така и видно вознемирен. Шолц во неделата во партиската централа на Социјалдемократите (СПД) во Берлин зборуваше за објава на платформата X, во која се наведува дека Шолц планирал средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва пред парламентарните избори во Германија на 23 февруари. Шолц рече дека тоа „е лажна вест. Тоа е крајно непристојно“. И неговиот портпарол Штефен Хебештрајт подоцна се надоврза на ова, на авторот на објавата му се закани со правни мерки и зборуваше за „клевета“.
Твит на експертот на ЦДУ, Кизеветер
Авторот на твитот кој беше мета на толку жестока критика е токму Родерих Кизеветер, поранешен полковник во Бундесверот и угледен експерт за надворешна политика на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во германскиот Бундестаг. Кизеветер во саботата во одговор на објава на еден научник напиша дека и „се намножуваат индициите дека канцеларот Олаф Шолц ќе отпатува за Москва, односно ќе се сретне со Путин пред 23 февруари“. Кизеветер понатаму напиша дека Украина не смее во можни преговори за крај на руската агресорска војна да биде „објект и жртва“.
Политиката на Шолц во однос на Русија
Конфронтацијата меѓу владејачката СПД и Кизеветер околу прашањето за Русија и Украина има многу предисторија. Меѓу сите партии во Бундестагот, Кизеветер се смета за еден од најкатегоричните поддржувачи на Украина, кој постојано бара нова и нова испорака на оружје уште од почетокот на војната во пролетта 2022 година и предупредува од Русија и нејзиниот владетел Путин. Шолц, од друга страна, никогаш не престана да нагласува дека Германија по САД е најголемиот поддржувач на Украина во светот, но дека тој како канцелар ќе направи сѐ во негова моќ за Германија да не биде вовлечена во војната. Меѓу другото, тој жестоко се изјасни против снабдувањето на Украина со крстосувачки ракети со долг дострел од типот Таурус, кои би можеле да достигнат цели длабоко во руска територија.
Според неодамнешните истражувања на јавното мислење, мнозинството Германци сметаат дека токму така е исправно, како што покажува и АРД-тренд за Германија од крајот на октомври 2024 година. На Шолц му е јасно дека покрај прашањето за економијата и работата, желбата на Германците за мир и безбедност се исклучително важни теми во предизборната кампања. Шолц сака да се претстави како трезвен чувар на мирот, но не и како попустлив кон Путин.
Владата зборува за тврдења кои се повторуваат
Кизеветер де факто не наведе докази за неговото тврдење. Контроверзниот твит во меѓувреме е избришан, а од канцеларијата на поратеникот на прашање на ДВ во понеделникот соопштија дека ЦДУ и СПД се договориле за бришење на објавата. „Господин Кизеветер нема да коментира понатаму“, додаваат од таму. Очигледно имало голем притисок врз Кизеветер. Портпаролот на владата Хебештрајт во понеделникот на рутинската прес-конференција на сојузната влада изјави дека Кизеветер и пред извесно време му доставил на неделникот „Шпигел“ информации за наводно планирано патување на канцеларот во Москва, во тоа време под условот да не биде именуван како извор. Хебештрајт вели дека имале „јавувања од Москва и од студијата на АРД и ЗДФ. Од Киев биле запрепастени како сојузниот канцелар дошол на идеја да патува таму“, рече портпаролот за реакциите.
А, објавата која предизвика вакви остри реакции гласешр: „Пратеникот Кизеветер повторно во етерот упати тврдење, кое нема никаква основа и каква што не може ни да има, бидејќи никаде во сојузната влада, ниту во кабинетот на канцеларот немало размислувања што се движат во тој правец“.
Последното патување во Москва не е во добро сеќавање
Со бришењето на објавата на Х работата за сега е завршена, рече Хебештрајт и го предупреди Кизеветер да не се обидува да долева масло на оганот. Конфликтот покажува колку жестоко ќе се води расправата за прашањето за војната во Украина во предизборната кампања, која дури сега вистински почнува. Шолц знае колку е деликатно прашањето за политиката во однос на Русија. Партијата Алијанса Сара Вангенкнехт (БСВ), како и делумно десно екстремната Алтернатива за Германија (АфД), се многу попријателски настроени кон Русија во однос на етаблираните конзервативни партии ЦДУ и ЦСУ, или Социјалдемократите. Дури и во самата СПД има многу поддржувачи на идејата и покрај сè да се разговара со Путин.
Но, Шолц мора да избегнува да настануваат слики како оние што се појавија од неговата последна посета на Путин. Непосредно пред почетокот на војната на почетокот на 2022 година, Путин го постави својот гостин од Берлин на чело на огромна, долга маса, а тој самиот седна на другата страна. Очигледно со цел да се документира најголема можна дистанца во однос на Шолц.
Последен телефонски повик во ноември 2024 година
Спонтано патување на Шолц во Москва во германската јавност веројатно би имало оддек на проѕирен предизборен маневар. Канцеларот последен пат кон средината на ноември разговараше телефонски со рускиот владетел, како што се забележува без некаков резултат. Напротив, во дните кои следеа Русија ги интензивираше нападите врз Украина, што сигурно е една од причините за жестоката владина реакција на објавата на Кизеветер.