1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе донесе ли Рамштајн компромис за тенковите Леопард 2?

20 јануари 2023

САД и речиси сите сојузници решија да направат квалитативен скок во снабдувањето на Украина со оружје - очигледно и со германскиот тенк Леопард 2.

https://p.dw.com/p/4MTGQ
Тенкови Леопард 2 во Полска за време на заедничка вежба со армијата на САД (2022)
Тенкови Леопард 2 во Полска за време на заедничка вежба со армијата на САД (2022)Фотографија: STR/NurPhoto/picture alliance

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на маргините на Светскиот економски форум во Давос рече дека смета оти одговорот на прашањето дали Украина ќе добие тенкови Леопард 2 од германско производство е веќе позитивен. „Опцијата за тенковите може да ја сметам како одобрена“, изјави Кулеба преку видео врска од швајцарските планини. 

Во тоа време во четвртокот (19 јануари 2023 година), министрите за одбрана на Германија и САД, Борис Писториус и Лојд Остин, се повлекоа во Берлин на разговори за натамошната воена помош за Украина од Западот. Тие разговараа еден ден пред САД да ги соберат околу 50-те поддржувачи на „Контакт групата за Украина“ во американската воена база во Рамштајн, во Германија, за да договорат сеопфатен пакет воена помош за земјата нападната од Русија. 

„Опцијата ќе биде целосно активирана доколку Германија им даде зелено светло на оние трети земји кои се подготвени да ни ги направат достапни своите Леопарди“, рече украинскиот министер за надворешни работи Кулеба. Минатата недела, Полска и Финска се согласија да ѝ дадат на Украина по десетина од своите тенкови Леопард 2.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин (л.) и неговиот нов германски колега Борис Писториус на разговор пред конференцијата во Рамштајн (19.01.2023)
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин (л.) и неговиот нов германски колега Борис Писториус на разговор пред конференцијата во Рамштајн (19.01.2023)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германските задршки 

Германија, како што обично се случува во меѓународниот бизнис со оружје, го задржува правото да се бара нејзино одобрение доколку земјата-примател на оружјето од германско производство сака да натамошно да го извезува. Има ли можен компромис меѓу Берлин и Вашингтон? Само еден ден претходно, во средата, германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така во Давос, очигледно раширил јунктим (процес на поврзување на два или повеќе независни договори според принципот дека еден договор нема да се склучи доколку не се најде договор за сите други ставки, н.з.) дека Германија ќе испорача тенкови Леопард 2доколку САД ѝ дадат на Украина од своите тенкови Абрамс.Таква информација дојде од американски кругови на Светскиот економски форум.

Потоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски преку видео обраќање во четвртокот рече: „Ако некој рече: 'Ќе дадам тенкови ако некој друг даде тенкови'... Мислам дека тоа не е вистинската стратегија“. САД распоредија тенкови Абрамс во Европа. Сепак, тенковите се сметаат за многу сложени за користење.

Додека тенковите од европското производство обично работат на дизел гориво, на Абрамс му треба бензин - повеќето експерти се убедени дека тоа за Украина логистички би било тешко возможно. „Има моменти кога не треба да се двоумиме или споредуваме“, рече Зеленски пред публиката во Давос.

Тенк од типот Абрамс
Тенк од типот АбрамсФотографија: picture-alliance/Newscom/J. Farmer

Украинската армија веќе сега постигнува многу користејќи на фронтот различна воена опрема на нациите поддржувачи - при транспортот, снабдувањето со гориво и поправките.

Германската влада е под притисок додека зад кулисите дипломатијата е во полн ек. Во јавната дебата во Германија доминира натегањето околу тенковите Леопард 2 за Украина. Пред сѐ левото крило на Социјалдемократската партија (СПД), од каде доаѓа и канцеларот, со месеци се противи на испораката на овие тенкови, додека коалициските партии - Зелените и либералната ФДП - бараат испорака.

Тинк-тенкот ИИСС (Меѓународен институт за стратешки студии) одамна смета дека ќе дојде до испорака на Леопард 2 во Украина. „Сè поверојатно е дека Леопард 2 ќе стане дел од украинскиот инвентар“, пишува ИИСС во средината на јануари, „но влијанието на бојното поле ќе зависи од бројот на испорачани возила“. Вкупно би биле неопходни сто Леопард 2 тенкови за да ѝ се даде на Украина одлучувачка предност. „Иако обезбедувањето мал број Леопард 2 е политички вредно, тоа би било само симболичен гест.

Модерна шведска ракета со дострел од 150 километри

Притоа, во последниот пакет помош за Украина има и друго, можеби не помалку клучно оружје за Украина. Вклучувајќи ја и ракетата што на пазарот за оружје се појави пред само неколку месеци. Заедно со американската компанија Боинг, шведскиот производител на оружје Сааб разви артилериска ракета за која се вели дека чини само мал дел од цената на споредливите американски ракети земја-воздух. Во Рамштајн треба да се донесе одлука Украина да го добие овој систем.

Ракетата „има дострел од 150 километри и може да нападне и стационарни и подвижни цели“, пишува британската информативна служба за вооружување „Janes Defence". Според шведскиот производител, ракетата „може да се лансира од различни фрлачи и конфигурации“. Значи, очигледно и од артилериските системи што Западот досега ѝ ги даваше на Украина.

Портокалово - присуство на руската армија, сино - повторно освоени региони од страна на украинската армија (состојба: 6.11.2022)
Портокалово - присуство на руската армија, сино - повторно освоени региони од страна на украинската армија (состојба: 6.11.2022)

Подготовка за напади на Крим?

Со дострел од 150 километри, украинската армија би можела од линијата на фронтот да стигне до цели приближно до средината на полуостровот Крим, кој е анектиран од Русија.

Руските вооружени сили ја бомбардираат цивилната инфраструктура на Украина, вклучително и од своите бази на Крим. Според извештај на „Њујорк тајмс“, американскиот претседател Џо Бајден се откажал од својата воздржаност за опремување на Украина со моќно оружје со кое може да биде напаѓан Кримскиот Полуостров. 

Во Москва, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин реагираше на овој извештај и предупреди: „Ова би значело подигање на конфликтот на ново ниво, што нема да биде добро за европската безбедност“, пренесува новинската агенција Ројтерс од разговорот со портпаролот на Путин, Дмитри Песков. Со овие проектили, украинската армија би можела да подготви и сопствена офанзива во областа јужно од градот Запорожје и да се подготви за повторно освојување на копнениот мост кон Крим што Русија го зазеде пролетта 2022 година.

Со испораките на оружје од можниот Рамштајн-пакет, кои беа објавени во јавноста на почетокот на јануари, јасно е дека сојузниците на САД во контакт групата за Украина одлучиле да ја снабдат нападнатата земја со најмодерно и можеби клучно западно оружје. Со тоа Украинаби можела да издржи нов масовен напад од Русија како пролетта 2022 година и да ослободи други делови од земјата. Тоа квалитативно би бил нов, одлучувачки чекор - за кој одлука се носи во Рамштајн.