1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Советот за безбедност бара деескалација на Блискиот Исток

ЕМФ | агенции
1 август 2024

По убиствата на политичкиот лидер на Хамас во Иран и високиот по ранг командант на Хезболах во Либан, Советот за безбедност повика на деескалација. Иран и Израел побараа да се осудат постапките на другата страна.

https://p.dw.com/p/4iz5a
Совет за безбедност на Обединетите нации
Советот за безбедност на Обединетите нации ги повика сите страни во конфликтот работат на деескалација на ситуацијатаФотографија: Eskinder Debeb/UN/dpa/picture alliance

По убиството на висок по ранг командант на Хезболах во предградие на Бејрут и на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија во Техеран, Израел и Иран упатија меѓусебни обвинувања во Советот за безбедност на Обединетите нации. Двете земји го повикаа најмоќното тело на ОН да ги осуди постапките на другата страна. Убиствата на двајцата екстремисти ја зголеми загриженоста од поголема војна на Блискиот Исток.

Членките на СБ повикуваат на дипломатија

Советот за безбедност на ОН итно ги повика сите страни во конфликтот работат на деескалација на ситуацијата. Мора да се избегнат сите дејствија „што би можеле да го одведат целиот Блиски Исток во бездна“, соопшти во Њујорк генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. 15-те членки на СБ предупредија дека регионот е во несигурна ситуација која може дополнително да ескалира. Тие повикаа на воздржаност и дипломатија, нагласувајќи ги различните линии на конфликт.

Претставничката на ОН за политички прашања Розмари ди Карло рече: „Потребни се итни дипломатски напори за да се смени правецот и да се најде пат кон регионален мир и стабилност“. Комуникацијата со помош на проектили, вооружени дронови и други смртоносни напади мора да заврши.

Иран го обвинува Израел за убиството на Исмаил Ханија. Израел веќе ја презеде одговорноста за убиството на командантот на Хезболах, Фуад Шукур. Според израелски извори, Шукур бил одговорен за ракетниот напад врз Голанската висорамнина во саботата. Во нападот беа убиени 12 малолетници. Иранскиот амбасадор во ОН, Амир Саид Иравани го повика Советот за безбедност да побара одговорност од Израел и да размисли за санкции. Тој подвлече дека неговата земја го задржува правото „одлучно да одговори на овој терористички и криминален чин“ доколку е тоа „неопходно и соодветно“.

Израел: Советот за безбедност треба да заземе јасен став

Заменик-амбасадорот на Израел во ОН, Џонатан Милер го повика Советот за безбедност да го осуди Иран и да ги заостри санкциите против Исламската Република. Иран е „моторот на машината на смртта и уништувањето“ со тоа што поддржува групи како Хамас и Хезболах, оцени тој.

Либанскиот амбасадор Хади Хахем го обвини Израел дека сака да предизвика конфликт низ целиот регион. Тој го повика Советот за безбедност да заземе јасна позиција „пред да биде предоцна“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им најави на своите сонародници „предизвикувачки денови“: „Подготвени сме за секое сценарио и заедно ќе се соочиме со сите закани“, рече Нетанјаху по состаноците на израелскиот безбедносен кабинет во воениот штаб во Тел Авив.