Штедење на енергија со неносење на вратоврски
29 јули 2022Шпанскиот премиер, Педро Санчез, ги повика денеска државните претставници и вработените во приватниот сектор во Шпанија да ја намалат потрошувачката на електрична енергија така што нема да носат вратоврски.
„Сакам да забележите дека не носам вратоврска. Тоа значи оти сите можеме да заштедиме електрична енергија“, рече Санчез на конференцијата за медиуми, на која поднесе извештај за работата на владата,
Тој упати повик до министрите и до државните претставници да „не носат вратоврска, ако тоа не е неопходно“, но не објасни како со тоа се штеди струја.
Шпанскиот премиер на пресконференцијата дојде без вратоврска, во бела кошула и сино сако. На неа тој најави „итни и разумни“ мерки за поефикасно штедење на енергија за кои неговата влада ќе одлучува во понеделник.
Повеќе: ЕУ усвои итен план за штедење на гас, само Унгарија е против
Подолго од еден месец, времето во Шпанија е многу топло. Во одделни краеви во земјата, температурата надмина 40 Целзиусови степени, а властите апелираа до граѓаните да не ги користат клима уредите повеќе од колку што е потребно, за да ги намалат трошоците за снабдување со струја.
Шпанија минатиот месец одобри пакет економска помош кој чини над 9 милијарди евра.
Пакетот опфаќа и намалување на данокот на трошоците за користење електрична енергија и еднократна уплата од 200 евра за лицата со ниски приходи.