1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

Шефот на српската армија испратен на границата со Косово

СН/агенции
26 декември 2022

Ситуацијата на границата е „комплицирана и сложена“ и бара „присуство на српската војска“, изјави генералот Мојсиловиќ. Пред неговото заминување кон границата со Косово беше јавено за пукање во Зубин Поток.

https://p.dw.com/p/4LQW1
Србите во северно Косово веќе 17 дена ги блокираат патиштата во знак на протест против властите во Приштина
Србите во северно Косово веќе 17 дена ги блокираат патиштата во знак на протест против властите во ПриштинаФотографија: Bojan Slavkovic/AP Photo/picture alliance

Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата вечерта го испрати началникот на Генералштабот на војската на Србија во регионот Рашка на границата со Косово, пренесува новинската агенција Франс Прес. Задачите кои ѝ се дадени на српската армија се „прецизни, јасни“ и ќе бидат „целосно спроведени“, изјави генералот Милан Мојсиловиќ за српската телевизија Пинк по состанокот во Белград со претседателот Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и останатиот воен врв на земјата. „Ситуацијата е сложена, комплексна, бара воено присуство долж административната линија и во наредниот период војската ќе биде насочена кон извршување на задачата“, изјави синоќа Мојсиловиќ. 

Непосредно пред заминувањето на Мојсиловиќ во пограничната област, провладините медиуми во Белград јавија дека во Зубин поток во северно Косово се слушнало рафално пукање, додека некои наведоа оти дошло до размена на оган меѓу локалните Срби и косовските полицијци, при обид на поицијата да отстрани барикада на косовските Срби. Неколку медиуми споделија и видео објавено на интернет од наводните пукотници во Зубин поток. 

Косовската полиција соопшти дека во текот на вчерашниот ден немало инциденти меѓу нејзините припадници и какви било групи на северот на Косово.

Претставниците на КФОР  соопштија, одговарајќи на прашањето на косовскиот весник Коха диторе, дека во Зубин поток дошло до пукање, но оти во инцидентот нема повредени, ниту е направена материјална штета. „Можеме да потврдиме дека патролата на КФОР, додека дежураше во близината на Зубин поток, слушна и виде неколку пукања во нејзина близина. Повредени нема и нема материјална штета. Ги проверуваме фактите од теренот и дополнително ќе објавиме повеќе детали“, наведоа од КФОР.

Припадници на КФОР патролираат во северно Косово
Припадници на КФОР патролираат во северно КосовоФотографија: Marjan Vucetic/AP Photo/picture alliance

Претседателот на партијата Српска листа, Горан Ракиќ, ги демантираше наводите на приштинските медиуми оти Срби пукале кон припадниците на КФОР во Зубин поток.

Србите од северот на Косово се на барикадите веќе 17 дена. Од барикадите порачуваат дека ќе ги тргнат кога Приштина ќе ги ослободи тројцата уапсени Срби, а од северот на Косово ќе се повлечат специјалните сили на полицијата.