1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Протести на десетици илјади луѓе

ЕМФ | агенции
10 јуни 2023

На антивладините протести во Белград учествуваа десетици илјади луѓе. На шестите по ред протести „Србија против насилството“ учесниците формираа своевиден прстен околу зградата на српската влада.

https://p.dw.com/p/4SPfK
Масовни протести во Белград, 9.06.2023
Масовни протести во Белград, 9.06.2023Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Во Белград вчера (9.06) се одржа шестиот протест „Србија против насилството“. На улиците демонстрираа десетици илјади луѓе, кои формираа необичен круг околу Владата на Србија. Континуирана колона учесници околу еден час поминуваше покрај таа зграда, свирејќи и извикувајќи „Оставки, оставки“ и „Вучиќ, оди си“. Актерот Хаџи Ненад Маричиќ на протестот рече дека доколку не се исполнат барањата до крајот на следната недела, протестите ќе добијат нова форма.

Демонстрантите бараат оставка на српскиот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ и шефот на тајната служба Алекдсандар Вулин, кого го обвинуваат дека не успеал да ги изведе криминалните групи пред лицето на правдата. Освен тоа, демонстрантите бараат и да им се одземе националната лиценца на телевизиите Пинк ТВ и Хепи ТВ, како и да се забранат дел од булеварските весници, за кои демонстрантите тврдат дека поттикнуваат насилство.

Протести во Белград, 9.06.2023
Континуирана колона демонстранти околу еден час поминуваше покрај зградата на Владата, свирејќи и извикувајќи „Оставки, оставки“ и „Вучиќ, оди си“Фотографија: Andewj Isakovic/AFP/Getty Images

Србија минатиот месец беше потресена од два масакри, кои се случија еден по друг. На 3 мај тинејџер уби десет лицаво основно училиште во главниот град на Србија, а на 4 мај 21-годишен напаѓач уби осум лица во близина на Белград.

„Очекувам протестот да продолжи, бидејќи нема друг начин“, изјави за Ројтерс демонстрантка која се претставува како Милица. Таа додава: „Мислам дека во еден момент владата ќе мора да попушти, ова е голем број на луѓе и на крајот ќе мора попушти пред овој притисок“.

Српската премиерка Ана Брнабиќ во средата (7.06) рече дека е подготвена да поднесе оставка и ги покани на разговори опозициските партии кои ги поддржаа протестите. Но, лидерите на протестите велат дека нема да разговараат со власта додека не бидат исполнети нивните барања.