1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвав пир на седмоодделенец во училиште во Белград

БГ
3 мај 2023

Потврдена е смртта на девет лица, од кои осум деца, во крвавиот напад во основното училиште во Белград кој го изведе 14-годишен ученик. Датумот и текот на нападот биле детално планирани. Уапсен и неговиот татко.

https://p.dw.com/p/4QqUf
Serbien Belgrad | Vladislav-Ribnikar-Schule Absperrung durch Polizei nach Schießerei
Фотографија: Idro Seferi/DW

Началникот на полициската управа на Белград Веселин Милиќ соошти дека 14-годишниот напаѓач К.К. кој уби осум ученици и еден чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ и рани повеќе други лица, го планирал злосторството еден месец и дека имал список на деца кои планирал да ги убие. 

„Направил план на влезот и излезот во училиштето и одредил, како што навел, приоритетни мерки. Скицата изгледа како од видео-игра, што укажува дека детално планирал како да влезе и во кое одделение“, рече Милиќ на прес-конференција во српската Влада. 

Полиција Владислав Рибникар Белград
Полицијата ги блокираше улиците околу училиштето Владислав Рибникар во БелградФотографија: Idro Seferi/DW

Во нападот загинаа осум деца и чуварот на училиштето, а ранети се уште шест ученици и наставничката по историја. Дел од нив се во тешка состојба и лекарите се борат за нивниот живот. 

Милиќ рече дека детето не и го соопштил мотивот за злосторството на полицијата, но дека свесно го избрал 3. мај како датум за извршување и училницата за историја, затоа што се наоѓа во близина на влезот во училиштето и затоа што првиот час го имало неговото одделение. 

Напаѓачот имал два пиштоли чиј сопственик бил неговиот татко, како и четири молотови коктели, а веднаш по влезот во училиштето ги убил чуварот, дежурната ученичка и две ученички кои случајно биле тука. Потоа ја сменил рамката и отишол во кабинетот по историја, каде пукал врз наставничката и другите деца.

Потоа го напуштил училиштето и од дворот ја повикал дежурната полициска служба на која и соопштил што сторил. Покрај убиецот, уапсен е и неговиот татко, соопшти српската полиција.  

Денови на жалост 

Српскиот министер за образование Бранко Ружиќ изјави дека Србија станала дел од светот во кој се почесто се случуваат „такви работи“. 

Полицијата ги блокираше улиците околу училиштето Владислав Рибникар во Белград
Полицијата ги блокираше улиците околу училиштето Владислав Рибникар во БелградФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture-alliance

„Евидентен е канцерогеното и погубно влијание на интернетот и видео-игрите, ткн. западни вредности. На сите нам ни е јасно дека е потребен голем пресврт и заострување на мерките и системско изнаоѓање решение за оваа трагедија да не прерасне во општествено прифатлив модел на однесување, како што, за жал е случај во некои западни општества“, рече Ружиќ. 

Владата на Србија прогласи тридневна жалост на територијата на целата земја со почеток од петок 5 мај до недела 7 мај. Наставата во сите училишта денеска беше откажана, а од четврток ќе почнува со една минута молчење за жртвите на трагедијата.