Штајнакер: Засега нема излез од кризата меѓу Бугарија и РСМ
30 октомври 2024Поранешната германска амбасадорка во Скопје и заменик-амбасадорка во Софија, Гудрун Штајнакер во интервју за бугарската редакција на ДВ зборува за кризата во односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија. На прашањето дали изборните резултати во Бугарија некако можат да помогнат за излез од оваа криза, Штајнакер одговара:
„Поверојатно не. Се разбира, никогаш не треба да кажеме никогаш. Но, во Скопје на власт е повторно партијата која ги доведе односите со Бугарија во ваква криза. Така беше впрочем и со Грција, но засега таа криза изгледа делумно надмината. Оваа партија води политика свртена кон минатото и претендира на сериозни делови од бугарската историја. Се разбира, секогаш може да се расправа што е бугарска, а што македонска историја, но, сепак, оваа крајно националистичка партија, која исто така беше многу корумпирана и криминална (а сега треба да докаже дека повеќе не е) денес повторно е на власт. Не гледам никаква промена во нејзиниот национализам, така што ќе биде многу тешко да се излезе од овој ќорсокак до кој со заеднички напори дојдоа двете земји. Бугарија со своето вето, кое според мене не беше оправдано, особено што во тој момент на власт во Скопје беше партија подготвена за компромис. Тој момент беше пропуштен, сега националистите се вратија на власт во Скопје и прашање е дали во име на своите избирачи ќе бидат подготвени да постигнат компромис со Бугарија. Во овој поглед, ЕУ има многу важна улога.“
Експертката за Балканот, Гудрун Штајнакер, во интервјуто меѓу другото се осврнува и на проблемот со криминалот и корупцијата во Бугарија и важноста на правосудството за опстојувањето на идната коалиција во Софија. Таа оценува дека „правдата во Бугарија беше заробена и сè уште е делумно заробена, таа е заложник на оние сили кои владеат со Бугарија од зад сцената. Тоа се олигарси, тајкуни, кои во транзиционите години акумулираа многу пари и соодветно на тоа - моќ. Често тие надградуваат на своите акумулации од времето на комунистичките тајни служби, на врските со Русија, на нивните подоцнежни врски со руските олигарси.“
Оттука, според Штајнакер, дефинитивно може да се зборува за „длабока држава“. Таа очекува во Бугарија да надвладеат силите на разумот:
„Би сакала силите на разумот (и тие се таму, иако веројатно не толку многу) во ГЕРБ да се соберат со другите проевропски партии и да кажат: Сега треба да формираме влада. Ова бара компромиси, но во секој случај мора да се продолжи по патот на правосудните реформи, за доброто на државата. Да, тие треба да се фокусираат на идејата за доброто на земјата и нејзините граѓани. И, како што реков, има такви политичари - дури и во неколку партии - и би сакала да сфатат дека имаат важна историска задача.“