1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнакер по победата на ВМРО-ДПМНЕ: Ова е „шлаканица за ЕУ“

ЕМФ / кна
10 мај 2024

Поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер, оценува дека резултатот од изборите во земјата е „шлаканица за ЕУ“.

https://p.dw.com/p/4fhZN
Гудрун Штајнакер, поранешна германска амбасадорка во Скопје
Гудрун Штајнакер, поранешна германска амбасадорка во СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

„Европската унија и Германија целосно потфрлија во оваа мала комплексна земја“, оценува за агенцијата КНА, по изборите во Македонија, поранешната германска амбасадорка во РСМ и експертка за Балканот, Гудрун Штајнакер. Според неа, свртувањето на земјата в десно претставува „шлаканица за ЕУ“.

Штајнакер е на мислење дека напредокот на Северна Македонија кон ЕУ бил игнориран, а одговорните во Брисел и Берлин го тргале погледот настрана од широко распространетата корупција.

Поранешната германска амбасадорка, која во Македонија беше на служба од 2011 до 2014 година, со загриженост гледа на враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на врвот на државата и владата. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ била „длабоко заплеткана во организиран криминал“ и за време на своето владеење до 2017 година со контрола врз правосудството во земјата спречувала кривичен прогон: „Очекувам новата влада да објави амнестија за главните виновници“, вели Штајнакер.

Дипломатката нагласува дека основен проблем на Северна Македонија е што оние кои во изминатите години беа на власт не понудиле „вистинска алтернатива“ на националистите. И во времето на социјалдемократската влада имало корупција, оценува за агенцијата КНА дипломатката Гудрун Штајнакер, која е и потпретседателка на Друштвото за Југоистона Европа во Германија и програмска директорка за Западен Балкан на Меѓународното образование за дипломати при Министерството за надворешни работи во Берлин.