1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмаер повика на „праведен мир“ во Украина

ЖА /ДВ
24 декември 2022

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во својот божиќен говор повика на мир во Украина по 10 месеци „страшно страдање“. Кога ќе дојде мир, рече тој, мора да биде од корист за украинскиот народ, а не за Русија.

https://p.dw.com/p/4LOWQ
Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер
Германскиот претседател Франк Валтер ШтајнмајерФотографија: Tobias Schwarz/AP Photo/picture alliance

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, имајќи ги во вид предизвиците кои ги донесе војната во Украина, ги повика германските граѓани на сплотеност и доверба. „Ако оваа година имаше нешто добро, тогаш тоа е искуството: Заеднички можеме да го пребродиме ова време. Затоа, мојата божиќна желба е и во новата година да го преземеме овој оптимизам. Да го зајакнеме сето она што не` сврзува“, изјави шефот на државата во годинешното традиционално обраќање по повод Божик.

Мирот во Украина уште не е на дофат

Меѓутоа, Штајнмајер има мала надеж во поглед на брзо завршување на руската агресорска војна во Украина. Крај на војната и мир е се`општа желба, но „мирот уште не е на дофат. И мирот мора да биде праведен, да не биде таков што би го наградувал крадењето на територии и би ги изложувал луѓето во Украина на самоволноста на окупаторите.“

Но, додека да може повторно да завладее мир, обврска на луѓето е да бидат човечни и да им помогнат на нападнатите и загрозените: „И на тој начин во мракот на неправдата создаваме зрак на надеж.“ 

„Не западнавме во паника“

Украина се спротивставува на руските напади со голема храброст, Европа се држи заедно, а „нашата земја преку предизвикот се надминува повторно себеси. Не западнавме во паника, не дозволивме да не` разединат," истакнува претседателот, додавајќи: „Нашата демократска држава ги ублажува најтешките оптоварувања, во претпријатијата многумина работат на тоа од кризата да излезат уште посилни, а во тоа помогнавте и сите вие“, рече Штајнмајер, обраќајќи им се на германските граѓани. „Знам колку многу од овие кризи ве засегнаа, на колкави ограничувања многумина мораа да се изложат. Но, нашата великодушност во меѓусебните односи никој не може да ни ја земе.“

Штајнмајер им се заблагодари на луѓето во земјата за нивниот ангажман и човечката солидарност, која придонесува „животот на другите да се направи малку посветол.“

„Оваа година успеавме да постигнеме толку многу повеќе отколку што самите сметавме дека сме моќни да направиме", рече Штајнмајер, луѓето одлучно се ангажираа во моменти кога помошта беше најнеопходна. „Горд сум на нашата земја, во која толку многу луѓе се ангажираат, не затоа што мораат, туку затоа што чувствуваат одговорност за другите и за заедницата“, подвлече германскиот претседател.

Борба против климатските промени

Штајнмајер предупреди дека, и покрај сите овие грижи, не смее да се изгуби од вид итноста на борбата против климатските промени. „Би посакал и постарите граѓани, дури и доцна во својот живот, уште еднаш да бидат спремни да се променат, амладите да се ангажираат, да се критични, без да и` наштетуваат на целта за заштита на климата на начин на кој другите ги свртуваат против себе.“

Потребна е колку амбициозноста на младите, толку и искуството од постарите, изјави Штајнмајер: „Зашто сите ние сепак имаме една заедничка цел: младите да не бидат ’последната генерација’, туку прва генерација во свет кој се грижи за климата.“

„Да, ова се тешки времиња, соочени сме со ветар кој ни дува в лице. Но, токму Божик е вистинскиот момент да се свртиме кон она што ни дава надеж, а тоа го има“ заклучи германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во обраќањето по повод Божик.