Стапката на невработеност во Германија достигна 6 проценти
3 јануари 2025Бројот на невработени во Германија се зголемил за 33.000, на 2,807 милиони луѓе во декември во споредба со ноември. Тоа е за 170.000 повеќе отколку во декември 2023 година, како што објави Сојузната агенција за вработување во Нирнберг. Стапката на невработеност е зголемена за 0,1 поен на 6 отсто во однос на ноември.
„На пазарот на труд во декември започнува зимска пауза. Затоа невработеноста во овој месец се зголемува, како и сега“, вели Андреа Налес, шефицата на Сојузната агенција за вработување, но додава дека и економската стагнација остави видливи подлабоки траги на пазарот на трудот.
Бројот на невработени во Германија обично се зголемува на крајот на годината бидејќи истекува рокот на привремените работни места, се склучуваат помалку нови договори пред Божиќ и има помалку работа во индустриите зависни од временските услови, како што е градежништвото.
Но, дури и ако се земат предвид сезонските осцилации, невработеноста се зголеми во декември за 10.000 луѓе во споредба со претходниот месец. Во меѓувреме, побарувачката за работници значително падна. Во декември во Сојузната агенција биле пријавени 654.000 работни места, 59.000 помалку од пред една година. За тековната статистика, органот ги зема бројките што беа достапни до 12 декември.
Значително зголемена е работата на краток рок. Сојузната агенција има најактуелни податоци за октомври. Овој месец таа исплатила краткорочен работен надоместок за 287.000 вработени, по 225.000 во септември и 165.000 во август. Од 1 до 26 декември пристигнати се пријави за дополнителни 55.000 вработени.