1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Старите рани“ непожелни во изборни кампањи

2 мај 2024

Изјавата на Сиљановска која предизвика реакции во албанскиот кампус, е потсетување на писмото кое комесaрката за човекови права го испрати во јануари до македонската влада.

https://p.dw.com/p/4fPfY
Гордана Сиљановска Давкова Избори 2024 Северна Македонија
Гордана Сиљановска Давкова, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државатаФотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

Старите рани не треба да се користат за изборни кампањи, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Сиљановска Давкова, во изборната кампања рече дека некои дела против човештвото никогаш не застаруваат.

Оваа изјава на Сиљановска два дена по ред ги бранува партиите на Албанците. Што кажа таа во Куманово?

„Стравот што го слушаме или заканите од типот дека востаници имало во оваа држава, ме тера само на едно потсетување. Меѓународното право вели дека востание може да се крене само ако постојат неподносливи услови на живот и владеење. Да потсетам, и во 2001 година ДПА беше во Владата. Јас никому не се заканувам, само потсетувам дека некои дела, таканаречени дела против човештвото никогаш не застаруваат“, рече Давкова.

Реторика на комесарката за човекови права

Претставници на Европскиот фронт оценија дека тоа е  националистичка реторика  на ВМРО-ДПМНЕ која треба да се осуди, бидејќи Давкова зборува како кандидат на таа партија, а не како поединец.

Сиљановска нема никаква дилема за нејзината ретокрика.

„Тоа е реториката на комесaрката за човекови права, Дуња Мијатовиќ. Тоа е реториката на Советот на Европа. Тоа е реториката во писмото испратено до Ковачевски, во коешто постои оправдан страв дека воениот говор, говорот што не е заборавен од конфликтите и од крвавото распаѓање на Југославија се возобновува, дека наместо одговорност имаме верификација на воинството. Се бара дури поништување на автентичното толкување на Законот за амнестија,  се бара транзициска правда и се бара процесуирање на сите случаи што значат геноцид, односно што се дела против човештвото. Тие не застаруваат. Јас не можам да се откажам од логиката на Советот на Европа, и се разбира, тоа го презентирам“, одговори Сиљановска на ТВ Телма за реториката што беше критикувана од партиите на Албанците.

„Да бидеме внимателни...“

Меѓу партиите во албанскиот кампус едни ја креваат топката за ова прашање што повисоко, други ја потспуштаат, зависно од позиционирањето и коалициските афинитети.

„Треба сите страни да бидеме свесни и внимателни во овој правец“,  порача Али Ахмети,  кој и самиот не беше внимателен кога пред десетина дена скандираше „УЧК, УЧК“ од митинг на скопскиот плоштад и ги врати сеќавањата на конфликтната 2001 година.

 Лидерот на ДУИ, Али Ахмети Северна Македонија
Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Јас неколку пати сум кажал минатото е болно, минатото не треба да се заборави, но не треба да ни се повтори. Така што, секој треба да биде внимателен со изјавите, ова е еден настан, една војна што се случи пред четврт век… Според кандидатката за претседател и како професорка по меѓународно право, ОНА треба да одговара затоа што ја извојувале слободата. Борците на ОНА беа борци за слобода, а не платеници и дезертери, се изборија за своите права, потпишаа Меѓународен договор со НАТО, со ЕУ, со САД, потпишан и од тогашниот претседател Борис Трајковски и од мене како главен командант на ОНА. Ова е тоа. Секој кој се обидува да гребе по минатото и да отвора страници што не се отвораат мислам дека греши, но сепак сето ова е за изборна кампања“, изјави Ахмети за ТВ21.

Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, чија партија е дел од коалицијата „Вреди“ oцени дека таа изјава од Куманово е непожелна во однос на УЧК која е светост за Албанците и може да доведе до унифицирање на Албанците.

„Имаме многу работа како да војуваме против корупцијата, како да обезбедиме подобра иднина за младите, со добра стратегија да ја запреме алармантната миграција на младите, а не да се враќаме на такви теми кои ги оживуваат старите духови“, изјави тој.

На прашањето на ТВ Сител, дали нивните ставови се приближуваат до одлука за поддршка на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Меџити рече: „Со такви изјави не“.

Отворено или затворено?

Kако што е познато, комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, на 15 јануари годинава испрати писма до премиерите на земјите-членки на Советот на Европа во регионот на поранешна Југославија, во кои препорачува да се преземат конкретни чекори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување.

Во писмото до тогашниот македонски премиер, Димитар Ковачевски, дадени се неколку клучни препораки за Северна Македонија, од кои првата гласи: „Да се укине  автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата кои беа пренесени од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија до домашните судови“.

Техничкиот премиер Талат Џафери во февруари изјави дека тоа прашање е веќе затворено –  било регулирано со закон  и потврдено со одлуки на Уставниот суд. Според Џафери, меѓународните трибунали не се врзани со домашното законодавство.

Меѓу другите препораки во писмото од Мијатовиќ се посочува реформа на образовниот систем, во насока на интегрирано образование за децата од различни етнички групи да делат заеднички часови, притоа зачувувајќи го своето право да учат на својот мајчин јазик; да им се овозможи на младите да научат за конфликтот од 2001 година на објективен начин што дозволува повеќекратни перспективи, ги осудува сите злосторства и промовира толеранција и отвореност; одлучно да се осудат случаите на говор на омраза и меѓуетнички насилни инциденти, а да се промовира помирување и социјална кохезија меѓу различните етнички и религиозни групи; и ратификување на Меѓународната конвенција на ОН за заштита на лица од присилно исчезнување.