Турските стари згради не можат да издржат посилен земјотрес
11 февруари 2023Видеата од градовите во близина на епицентарот на земјотресот често покажуваат разорна форма на уривање згради што некои го нарекуваат „палачинки“. Ова се случува кога цела зграда ќе се урне, при што секој кат се урива врз другиот. Шансите за преживување тогаш се мали.
Повеќекатните згради кои така се урнаа веројатно се стари и имаат т.н „soft story“ дизајн , вели Мехди Кашани, вонреден професор по градежништво и инженерска сеизмологија на Универзитетот во Саутемптон во Велика Британија.
Станува збор за објекти кои имаат ходници со прозорци, широки врати и други отвори на места каде што треба да има цврсти носечки ѕидови. Кога ќе се урне еден таков коридор на еден од долните катови, тогаш може да се урне и целата конструкција.
Сеизмички кодови
Најголем дел од зградите на местата покрај турско-сириската граница, односно ворегионот подложен на земјотреси, се изградени пред да се проектира т.н. „сеизмички дизајн“.
„Основните градежни принципи кои ги штитат зградите од силни земјотреси почнаа да се развиваат во 1960-тите и 1970-тите“, забележува Кашани. „Земјотресот во Коби, Јапонија, во 1995 година беше клучна точка и пресвртница, што доведе до промена на многу работи. Тоа доведе и до дополнителни истражувања. Само во доцните 1990-ти и раните 2000-ти, многу од правилата во врска со ова почнаа да се менуваат“.
Таканаречените „сеизмички кодекси“ се прописи кои регулираат како да се гради во чувствителните области, односно области во чија близина се движат и се судираат тектонските плочи. Конкретно, зградите кои не се изградени во согласност со тие прописи претрпеа големи разурнувања во земјотресот на 6 февруари.
Истовремено, Кашани забележува дека и постарите згради може последователно да се зајакнат, за подобро да се издржат земјотреси - ова е практика во Јапонија и Чиле, каде земјотресите се чести. „Меѓутоа, тоа бара пари и политичка волја и затоа не се прави секаде каде што треба“, вели Кашани.
„Непростлива“ јачина на земјотресот
Сепак, ваквото уништување не е само резултат на начинот на градба. Силата на земјотресот, како што вели Кашани, била „непростлива“. Според него, ова бил „плиток земјотрес“. Тоа значи дека судирот на тектонските плочи се случил поблиску до површината на земјата, па ударот бил многу посилен отколку кога би се случил на поголема длабочина.
Тоа е како бранови во океанот, објаснува Кашани. „Огромен бран веднаш ќе го собори сурферот во близина од неговата даска. Но, кога тие бранови доаѓаат од далеку и патуваат преку океанот, тие потоа слабеат и немаат големо влијание дури и на почетниците сурфери“.
Одговорот на прашањето дали земјотресот бил плиток или длабок објаснува зошто некои земјотреси со релативно мали магнитуди предизвикуваат големи разурнувања. Во врска со ова, Кашани го споменува земјотресот во Бам, кој го погоди Иран во 2003 година. Иако имаше јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала, што под други околности ќе резултираше со малку жртви, загинаа повеќе од 25.000 луѓе бидејќи беше „плиток земјотрес“.
Структурата и конструкцијата се поважни од материјалите
„Материјалите што се користат во градежништвото не се најважната ставка кога станува збор за тоа дали зградата може или не да издржи земјотрес“, вели Кашани. Бетонската конструкција и структура се поважни. На пример, со правилен дизајн на зградата, бетонска конструкција може да обезбеди одлична основа за градба отпорна на земјотрес. Но, ако зградата има неправилна конструкција, тогаш дури и бетонска зграда може да се урне како оние станбени згради што може да се видат на видеата од Турција и Сирија.
„Сеизмичкиот дизајн“ овозможува зградата да издржи многу силни земјотреси без да се урива, а тоа не само што ги спасува животите на неговите станари, туку и животите на луѓето во околината. И таквите објекти трпат одредена штета, но Кашани смета дека тоа може да се подобри и во наредниот период, со подобрување на градежната регулатива.
Во наредниот период експерти ќе патуваат во земјотресното подрачје во Турција и Сирија со цел да го проучат квалитетот на градбата на тамошните објекти. Ќе се обидат да разберат кои карактеристики им овозможиле на тие објекти кои се уште стојат да не се урнат.