Штедење енергија: Без светло нема добра продажба
12 ноември 2022Се врати зимското сметање на времето, а со него и раното стемнување. Сонцето исчезува веќе во попладневните часови и светлата се палат. Тоа чини струја а таа е скапа. Исто така, треба и да се грее кога ќе стане постудено. Но, колку светлина и топлина сè уште смее да има со оглед на високите цени на енергенсите?
Прашањето кое летоска сѐ уште беше теоретско мора да се примени во пракса. Според Уредбата за заштеда на енергија, канцелариите во јавните згради може да се загреваат максимално до 19 степени, а онаму каде што никој не седи, греењето останува исклучено. Ладна вода за миење раце, осветлување само таму каде што е апсолутно неопходно. Спомениците и знаменитостите веќе не се осветлени, рекламните знаци светат само по неколку часа во денот.
Топли ќебиња во канцеларија
Компаниите, исто така, имплементираат планови за штедење енергија. Фирмите им дозволуваат на своите вработени повеќемина да се групираат во канцелариите или ги испраќаат да работат од дома, така што големите канцелариски површини повеќе не мора да се загреваат и да се осветлуваат. На многу места, економските субјекти, согласно со Уредбата за штедење за јавни згради, сакаат да загреваат само до 19 степени
Се обезбедуваат и топли ќебиња за канцелариските работници. Ќе биде тешко онаму каде светлината и топлината се составен дел од работењето. Ова не се однесува само на очигледните објекти како што се сауни, базени и велнес центри. Овде операторите ќе треба точно да пресметаат дали нивниот бизнис модел сè уште се исплатува.
Муштериите милуваат топло и светло
Нови пресметки мора да направат и трговците на мало. Потребна е многу енергија за во буквална смисла производите да се претстават во вистинско светло. Трговските центри се осветлени до последниот агол. Голем број рефлектори светат на излозите, привлекувајќи ги купувачите во продавниците во мрачните месеци од годината. Внатре, пријатните температури и софистицираните концепти на осветлување создаваат атмосфера што ги расположува муштериите и ги поттикнува на купување.
Но, факторот на благопријатност чини пари. Дали е финансиски исплатливо една продавница која троши многу енергија да остане отворена до доцните вечерни часови? Онаму каде што сметката е висока, трговците на мало веќе го намалуваат работното време. Особено во помалите градови или на локации каде што и онака нема многу клиенти.
Студот е најголем фактор во трошоците кај трговијата со храна
Сиџирот на дисконтни продавници Алди-Норд ги исклучува светлата еден час порано во многу од неговите околу 2.200 филијали ширум Германија. „Во овие времиња сакаме да дадеме свој придонес и да заштедиме енергија“, стои на таблите на влезот на продавниците, кои укажуваат на скратеното работно време. До 22 часот ќе продолжат да работат само продавниците кои се во трговски центри или онаму каде што има многу купувачи помеѓу 21 и 22 часот.
Меѓутоа, конкуренцијата се сомнева дека Алди на овој начин може да заштеди значително количество енергија. „Остварливите заштеди на енергија би биле маргинални“, вели Рајмунд Есер претставник од синџирот на супермаркети РЕВЕ. Речиси половина од енергетските потреби во трговијата со храна се за ладење, значи за техника за ладење која се користи без оглед на работното време.
Можно е греење и со фрижидери и замрзнувачи
Енергетската ефикасност одамна е тема, пишуваат и другите малопродажни гиганти како Едека и групацијата Шварц, на кои припаѓаат Лидл и Кауфланд. Каде што е можно, поставени се фотоволтаичните системи, за да ги задоволат потребите за електрична енергија. Реве и Едека пишуваат дека нивните фрижитери обично имаат стаклени врати. Кауфланд во моментов соодветно ги прилагодува своите капацитети. Сите наведуваат дека сакаат да продолжат технички да го спојуваат ладењето и греењето.
„Замрзнувачите и другите фрижидери произведуваат повеќе топлина отколку студ“, пишува Доминик Кноблох претставник Кауфланд. „Оваа отпадна топлина ја користиме така што напојуваме индустриски систем за подно греење што е поставен под целата продажна површина. Дополнително, складираната топлина се користи за системот за вентилација, воздушните завеси на влезните врати и радијаторите во канцелариите и социјалните простории. „На овој начин покриваме речиси четири петини од вкупните потреби за греење на една филијала на Кауфланд“, објаснува Кноблох.
Префрлување на ЛЕД светилки
Кога станува збор за осветлувањето, трговците со храна се повеќе користат ЛЕД светилки, кои трошат уште помалку електрична енергија од штедливите светилки. Во Лидл сите филијали се веќе имаат ЛЕД светилки. Во новите згради, осветлувањето може да се оптимизира на таков начин што „во иднина ќе може да се заштедат 30 проценти повеќе енергија во делот на осветлувањето“, се вели во соопштението.
Скратувањето на работното време како кај Алди-Норд е нешто што ниту еден од големите трговски ланци не го посакува во моментов. „Во моментов не гледаме причина да им понудиме на нашите клиенти редуцирана услуга“, пишува Хана Кол, претставничка на Едека , но додава: „Се разбира, ние продолжуваме внимателно да ја следиме конкуренцијата и континуирано да го преиспитуваме нашиот пристап“.
Божикни панаѓури, сепак треба да има
Таканаречената кочница на цената на струјата и на гасот што ја најави германската влада треба да има значителна улога за деловните луѓе. Ако енергијата е скапа, но трошоците може да се повратат од приходот, можно е повеќе од очекуваното. Ова е очигледно кога ќе ги погледнете зимските и божикните. Во текот на летото, тие често беа доведувани во прашање или целосно откажувани. Повеќето откажувања оттогаш се ревидирани.
Истото важи и за откупувачите на штандови на ваквите панаѓури. Поради пандемијата на коронавирусот, многу панаѓури или воопшто не се одржаа или или го правеа тоа под масовни ограничувања две години. Оваа бранша е финансиски на дното и итно има потреба од приходи.
Со ограничени цени на енергенсите, се исплатува
Во Берлин, панаѓурот „Зимски свет“ е поставен на Потсдамер Плац од последниот викенд во октомври. На прв поглед сѐ е како и секогаш, недостасува само лизгалиштето. Варено вино, колбаси, шеќерен памук и печени бадеми се продаваат на осветлените дрвени тезги.
Класичните божикни панаѓури вообичаено се отвораат од крајот на ноември. Потоа се стемнува уште порано и е многу постудено. За операторите, ова значи внимателно да се пресмета колку ограничувања клиентите ќе бидат подготвени да прифатат. Неколку градови веќе ги забранија греалките пред штандовите, кои обично работат на гас. На многу места може да се слушне дека се оптимизира осветлувањето на божикните панаѓури. Празничното осветлување треба да се вклучи подоцна и да се исклучи порано, а големите светлосни елементи треба целосно да отпаднат.
Колкави поскапувања ќе има за купувачите?
Во секој случај, греаното вино веројатно ќе биде поскапо. Деловните луѓе на тезгите на божикните панаѓури ќе сакаат своите повисоки трошоци да ги префрлат на муштериите, исто како што тоа веќе прават супермаркетите ширум земјата.
Алди-Норд, исто така, ќе продолжи да прави пресметки и напролет ќе одлучи дали вреди повторно да се продолжи работното време на супермаркетите. Недостигот на персонал веројатно ќе игра улога овде. „Задоволни сме што можеме да им дадеме на нашите вработени, кои направија извонредни работи во последните години, малку повеќе слободно време преку намалувањето на работното време“, вели Алди.