1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад нападите врз полицијата и пожарникарите?

Хелен Витл
3 јануари 2023

Прославата за Нова година во поголемите германски градови падна во сенка на напади врз противпожарни служби, полицијата и персоналот на брзата помош. Сега се слушаат барања за построги казни и поголем видео надзор.

https://p.dw.com/p/4Lg2x
Опожарен автобус во Берлин на Нова година
Опожарен автобус во Берлин на Нова годинаФотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

На Нова година во Берлин, противпожарните служби пријавија 38 одделни инциденти, вклучително и 14 во кои пожарникарски возила се чини биле „намамени во заседа” каде што врз нив се пукало со пиротехнички средства и се фрлале лименки од пиво.

Нивото на насилство, според спасувачките служби, е тотално неочекувано, рече портпаролот на противпожарните служби во Берлин, Томас Кирштајн за јавниот радиодифузен сервис РББ. 15 припадници на спасувачките служби се повредени, а еден од нив морал да биде и хоспитализиран. 18 припадници на полицијата исто така биле повредени во новогодишната ноќ. Од противпожарната служба во Берлин велат дека се „шокирани и тажни” поради инцидентите и многумина се прашуваат што стои зад очигледното зголемување на нивото на насилство кон спасувачките служби и зошто токму тие станале мета на напади.  Тие споделија видео снимка на Твитер од новогодишните настани. 

Се анализираат инцидентите

Социологот Рафаел Бер, кој предава на Полициската академија во Хамбург, вели дека инцидентите мора детално да бидат анализирани пред да се извлечат било какви заклучоци.

„Немаме добар преглед на комплексноста на околностите во кои се случило насилството. Имаме само соопштенија од бројни синдикати на полицијата или противпожарните служби и други лица кои велат дека има пораст на насилството. Но, ние не знаеме дали е тоа така и во која форма било насилството," изјави тој за ДВ. 

„Секако дека е многу шокантно кога ќе чуеме за такви случаи, затоа што сметаме дека итните служби се тука да спасуваат животи, да прават добри дела и не сме навикнати да ги напаѓаат на ист начин како полицијата, која често се справува со конфликтни ситуации", вели Бер.

Во 2021, Сојузната полиција за борба против криминал (БКА) соопшти дека чиновите на насилство против полициски службеницисо 689 случаи повеќе од претходната година, достигнале вкупен број од 39.649 инциденти. Од 2012 година до денес, случаите на насилство спрема полицајците бележат пораст од 22.5%.

Сепак, Бер смета дека општеството е многу сензибилизирано за насилство, а особено против полицијата и спасувачките сили. Тој додава дека вербално злоставување сега е класифицирано како насилство, што претходно не било случај. 

„Знаеме дека смртоносни напади против спасувачките служби и припадници на полицијата се екстремно ретки. Бројот на тешки случаи на насилство не е зголемен. Бројот на физички напади е малку зголемен, но не драматично. Се работи само за тоа дека сме многу повеќе сензибилизирани", вели тој. 

Додека бројот на насилни напади врз полицајци е регистриран во годишните статистики на полицијата, насилните инциденти со спасувачките сили не се толку добро документирани. Бројките често се ставени во едно со оние кои се однесуваат на полициските службеници, а точната дефиниција за насилство се разликува од истражување до истражување. 

Нова година  Берлин Германија
Оштетени повеќе возила за време на прославата и насилството на Нова година во БерлинФотографија: Jürgen Held/IMAGO

Покажување мускули

Она што останува како факт е дека најголем дел од насилничкото однесување отпаѓа на мажите, вели Алберт Геберт, професор по психологија и социологија на сојузниот Универзитет за применети науки и јавна администрација во Минстер.

„Драстично е опадната почитта кон луѓето во униформи, пред се меѓу младите мажи на возраст од 20 до 29 години,“ вели Геберт за ДВ. „Тие се пијанчат и сакаат да се покажат пред пријателите, најчесто со вербални напади, што мислам дека е последица на тоа што во училиштата не ги воспитуваат соодветно, но и поради малите казни за сторителите."

Рафаел Бер исто така верува дека насилството е дел од демонстрација на одредена форма на покажување на машкоста.

„Дефинитивно е поврзано со начинот на кој некои млади сакаат да се прикажат во јавноста, што е често поврзано со покажување мускули.“ Но, Бер вели дека тоа е проблем на млади пијани мажи кој често се „драматизира“ од медиумите.

„Нема докази што укажуваат на континиуран раст на насилството, туку повеќе се работи за инциденти и избивање на насилство во специфичен контекст. Се случува во сите земји за време на големи настани: социјалните норми и закони се кршат, особено ако е алкохол во игра. Ова е посебно екстремно за време на новогодишната ноќ, бидејќи е измешано и со палење огномети."

Годинава властите ја укинаа забраната за пиротехника воведена за време на корона-пандемијата, дозволувајќи им на граѓаните по две години повторно да си прават огномет на новогодишната ноќ, така што веројатно зголемување на бројот на насилни инциденти беше неизбежно.

„Не верувам дека групите на мажи кои го вршат ова насилство имаат големо влијание во општеството. Напротив, верувам дека ваквите напади се неприфатливи за поширокиот дел од населението и дека тие би сакале построги казни за сторителите,“ вели Геберт.

Германскиот полициски синдикат веќе побара построги казни за насилниците кои ги напаѓаат службите за итна помош, а пожарникарите побараа употреба на повеќе боди-камери со цел да може да се регистрираат нападите и за да се докаже дека се случило насилството.

„Тоа би бил мојот апел, да се соберат повеќе податоци и да се анализира сè што се случило до последен детал. Мислам дека реалноста ќе излезе помалку драматична отколку што се чини,“ вели Бер. „Би предупредил да не западнеме во наративот дека насилството има одврзани раце во Германија“, вели тој.