1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стојанче Ангелов: Џафери не може да ме разреши сам

ДТЗ
26 март 2024

Предизборните пазарења и прегрупирања на партиите доведоа до конфликт меѓу првиот човек на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов и техничкиот премиер Талат Џафери.

https://p.dw.com/p/4e8Fy
Влада
Премиер има право да предложи разрешување, но одлуката ја носат мнозинството министри Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Предизборните пазарења и прегрупирања на партиите доведоа до конфликт меѓу првиот човек на партијата Достинство, Стојанче Ангелов и техничкиот премиер Талат Џафери. По најавите на Ангелов, кој е актуелен директор на Центарот за управување со кризи, дека планира да ја напушти владината коалиција и е во преговори со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за следните избори, се отвори прашањето дали тој и понатаму треба да остане на раководното место. Џафери навести дека ќе бара оставка и средба, а Ангелов преку Фејсбук му порача дека „средбата на оваа тема е излишна“. 

Препирка преку медиумите 

Препирката главно се води преку медиумите и социјалните мрежи. 

„Доколку јавно најавил дека не стои зад владината програма, од формален аспект секако дека ќе започнам одредени постапки во однос на кадровското решение и ќе донесам соодветна одлука. Секако дека тоа што се вели на телевизија не е за започнување на постапка, но јас директно ќе комуницирам со директорот. Така што, сметам дека ќе заврши со разрешување“, рече Џафери во понедeлникот (25.03) по посетата на Теарце. 

Талат Џафери
Џафери навести дека ќе бара оставка и средба, а Ангелов преку Фејсбук му порача дека „средбата на оваа тема е излишна“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ваквата реакција следи откако лидерот на „Достоинство“ во неделата во изјава за медиумите рече дека поради неисполнети очекувања за надминување на проблемот со кој сѐ уште се соочуваат необесштетените воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, „Достоинство“ ќе излезе од коалицијата со СДСМ. 

„Командант ќе разрешува генерал“

По најавите за неговото можно разрешување, Ангелов преку социјалните мрежи, а потоа и преку изјава за медиумите, му порача на Џафери дека тој има право да го разреши, но дека за тоа ќе му биде потребна поддршка и од кадрите на СДСМ. Ваквиот став тој му го соопштил на Џафери и во телефонски разговор со него.

„Колку тоа некому да не му се допаѓа, вклучително и на мене, непобитен факт е дека поранешниот командант Форина од УЧК денес е легитимен претседател на македонската Влада. Како премиер тој има право да предлага именување и разрешување на функционери кои ги именува Владата. Конечната одлука ја носи Владата со мнозинството министри, што само по себе значи дека, за да биде прифатен предлогот на премиерот за мое разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од СДСМ. Во спротивно ќе нема мнозинство за мое разрешување“, вели Ангелов. 

Ангелов се надева на поддршка од СДСМ 

Тој наведува дека свесен за комплексноста на неговата професионална и политичка позиција, за одлуката прво ги известил генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, а потоа и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Двајцата се изразија позитивно за мојата професионалност како директор на ЦУК и сугерираа дека во овој чувствителен период за државата треба да останам на чело на оваа значајна институција, без разлика на политичката одлука на Достоинство за напуштање на владината коалиција“, вели Ангелов. 

Поради тоа, тој првично рече дека средбата со премиерот Талат Џафери, со кого оценува дека од поодамна има коректна комуникација, барем на оваа тема е излишна, бидејки Достоинство веќе јавно објави дека излегува од коалицијата предводена од СДСМ. Подоцна во изјава за медиумите додаде дека ако Џафери побара ќе се сретне со него. 

„Како директор на ЦУК мој приоритет секогаш била, е, и ќе биде, безбедноста на граѓаните поради што максимално посветено и професионално ја извршувам оваа одговорна функција. Доколку Владата се согласи со предлогот на премиерот Талат Џафери и смета дека треба да бидам разрешен, јас без противење ќе ја прифатам нејзината одлука“, дециден е Ангелов.