Stolpersteine - Сопникамења, како паметење на имињата
27 јули 2020Германскиот Евреин Теодор В. Адорно, познатиот филозоф, во фрагментот бр. 25 во „Минима Моралиа“, под насловот „Да не им се спомене името“, пишува за заборавот на емигрираните во нивните татковини. Таа изрека, „да не им се спомене името“, е најстрашната клетва не само во еврејската традиција, туку и во словенската. Тоа важи и за паметењето на жртвите. За паметењето на убиените во логорите. За депортираните, за протераните. Името во еврејската теологија има значење на повикување во живот. Во Талмудот се вели дека човекот само тогаш е заборавен, кога никој веќе не го памети неговото име. И во христијанската теологија животот е длабоко поврзан со паметењето и споменувањето на името. Живи се тие кои Бог ги памети. Да биде човек благословен значи Бог да го спомене неговото име во Царството свое.
Само тогаш не ги забораваме починатите, кога паметењето на нив за нас станува ритуал во секојдневието. Затоа што минатото не го паметат само книгите. Тоа е силно и живо кога на него се потсетува цела заедница. Колку е хумано едно општество зависи и од тоа како и дали тоа памети. Колку места на паметење станале во него живо писмо. Читливо не само низ траги, туку и низ записи и сведоштва. Балканските општества уште не научиле да создаваат ритуали со кои би ги паметеле сите луѓе кои некогаш живееле на едно место. Во балканските национални и културни наративи уште владее законот на посилниот. Тој ги уништува трагите на тие што биле пред него. Тој ги конфискува биографиите. Кога балканските народи освојуваат една територија, тие ги бришат сите траги од поранешните жители. Тие не поднесуваат различност. Тие не се срамат јавно за злоделата на своите предци. Тие го табуизираат споменот на грдите нешта во својата историја.
А како би можело да изгледа едно општество кое негува вистинска култура на паметење? Култура на живеење која секојдневно се потсетува на тие што некогаш живееле во овие улици, во овие куќи, во овие градови? Паметењето на жртвите на прогонствата, депортациите и геноцидите во Германија се одвива веќе дваесетина години на особен начин и во уметноста и во науката. Теоријата на „културното паметење“ на Алајда и Јан Асман обликуваше еден поинаков поглед врз историјата и педагогијата. Додека националните наративи ја стилизираат историјата во мит и митологија, културното паметење ги памети личностите и биографиите. Тоа го култивира заедничкиот живот низ заедничките симболи и ритуали. Го памети минатото како лична приказна, како сведоштво на една заедница.
Мисловно сопнување
Паметењето на имињата како чин на спасување од заборавот во смислата за која Адорно пишуваше во „Минима Моралиа“, на особен начин се остварува не само во Германија, туку и во цела Европа, преку еден необичен уметнички проект, кој започна 1993-та и продолжува до денешен ден. А ќе продолжи и во иднина, се‘ додека има луѓе кои веруваат дека треба да се паметат имињата на жртвите како чин на хуманост. Како симбол дека злото не е посилно од љубовта и паметењето. Затоа што паметењето од љубов и сочувство им го враќа достоинството на жртвите. Stolpersteine е таков особен „уметнички проект за Европа“. Тој е дело на германскиот уметник Гунтер Демник (Gunter Demnik). Тој сака да го одржи во живот паметењето на жртвите на националсоцијализмот во Германија и во цела Европа. Stolperstein означува на германски сопникамен. Каменот што ни‘ застанал на патот, од кој се сопнуваме. Целта на „камењата“ од месинг, кои Гунтер Демник ги вградува во асфалтот на тротоарите, не е буквалното сопнување. Се работи многу повеќе за „мисловно сопнување“. Мисловно да се сопнеме, за да застанеме. Да погледнеме во жолтата плакета во тротоарот. И да го прочитаме името изгравирано во неа. А крај него и датумот на раѓањето. Датумот на депортацијата во логорот и даумот на смртта. Тогаш ќе сознаеме дека во улицата по која минуваме или живееме, во куќата крај која чекориме, а можеби и живееме, некогаш, пред војната, до датумот кој е изгравиран на плакетата, живеел некој кого веќе го нема. Германски граѓанин кој бил депортиран во концлогор. И убиен само затоа што бил Евреин. Проектот притоа не потсетува само на Евреите, туку на сите жртви на националсоцијализмот.
Други колумни од авторката:
Ладната лубеница и магијата на скопското лето
Мировната визија на Вили Брант - парадигма за македонската визија
Граѓанската „разумнозрелост“ и демократијата
Првиот „сопникамен“ како концептуална уметничка акција, Гунтер Демник го реализирал 1993-та пред келнското градско собрание. Пред влезот, во бетонот, тој вградил коцкест камен, со квадратна месингена плакета одозгора (10 см X 10 см), на која бил изгравиран датумот кога, по наредба на Хајнрих Химлер, биле депортирани келнските Синти и Роми. Потоа тој сфатил дека проектот не може да се ограничи само на еден уметнички акт. Дека тој мора да биде отворен процес, кој ќе трае неограничено. Токму во значењето на социјалната скулптура кај Јозеф Бојс. Затоа што во уметничкиот проект учествуваат сите граѓани и институции. Дозволата за вградување на каменот со плакетата во тротоарот ја издава градот. Секој нов „сопникамен“ со ново име се изведува како посебен чин. Уметникот Демник лично го положува каменот во тротоарот при свечен чин, на кој понекогаш присуствуваат и роднини на убиените Евреи, или Синти и Роми, но и ученици и граѓани, политичари, уметници и научници. Тој чин е социјална и педагошка акција, затоа што секој нов споменичен камен се реализира по иницијатива на граѓани или институции, на училишта и одделенија. Тие преземаат „кумство“ за споменот и грижата за посебниот споменик. Уметникот избрал месинг како материјал за плакетите, затоа што триењето со допирот од чевлите само ја полира површината на плакетата. Веќе постојат и групи на граѓани кои ги чистат и полираат плакетите, но и ги советуваат соседите и сопствениците на куќите, пред чии влезови има вградено плакети, како самите да ги одржуваат. До денес само во келнските тротоари се вградени повеќе од 2.400 месингени плакети со имиња на жртвите. Во цела Германија нивниот број изнесува преку 75.000. Постојано се зголемува и бројот на споменичните камења кои Гунтер Демник ги вградува во тротоарите во другите европски змеји.
Света шифра на љубовта
Цената за еден споменичен камен со месингена плакета е 120 Евра. Секој граѓанин може, плаќајќи ја таа цена, да иницира да се постави плакета. Тоа значи, овој проект ги поттикнува граѓаните, учителите и учениците да истражуваат за жртвите на националсоцијализмот во нивниот град и соседство. Листата на сите досега вградени споменични камења во Германија и Европа е пристапна онлајн. Во неа е наведена адресата и името, а во многу случаи и кратка биографија. Плакетата со името се вградува во тротоарите пред куќите кои биле последната адреса на жртвите до депортацијата. Затоа што проектот има за цел индивидуално паметење, секој „сопникамен“ сведочи само за едно име. Тој чин треба да се спротивстави на обезличувањето на Евреите во логорите, во кои тие биле редуцирани на број.
Еден ученик, кој со својот клас учествувал во свеченото положување „сопникамен“ во тротоарот, запрашан од новинарот, дали човек паѓа врз камењата, одговорил дека „не паѓаш врз 'сопникамењата', оти ти се сопнуваш со умот и срцето врз нив." Нема поубави и поедноставни збовори од овие за да се опише паметењето на жртвите. Сопнувањето како застој во времето – за да проговори заборавеното. За да му се врати адресата на депоритираниот од својот дом. За да се обединат заборавените имиња со нивните улици. Во кои тие се раѓале, растеле, се радувале, учеле, љубеле, старееле. За да станат осудените на смрт незаборавен дел од животот на идните генерации. Имињата на тие, кои биле депортирани во гета и логори, да се вратат пак во срцето на обичниот живот. Како блескава трага врз земјата. Во старата калдрма, во бетонот. Споменични камења, кои силно паѓаат в очи на минувачот, кога по дождот, кој ја мие прашината од улиците, ќе огрее сонце, а на небото ќе се обликува виножито. Како шифра за вечноста на името, блескаат имињата врз жолтите месингени плакети, кои секако потсетуваат и на Давидовата ѕвезда. А виножитото го повикува во умот паметењето на вечниот завет на Бог со еврејскиот народ. Кога животот нѐ учи дека смртта нема сила таму каде што паметењето е света шифра на љубовта.