Грција: Илјадници евра казни за нелегално користење на плажи
9 јули 2024Министерството за економија на Грција денеска (9.07) соопшти дека е постапено по „над илјада поплаки“ за плажите во земјата, меѓу другото на островот Крф, на полуостровот Халкидики и во регионот околу Атина. Затворени се три објекти.
Со оглед на тоа што баровите на плажите, приватните плажи и таверните зафаќаат сѐ повеќе места за капење, властите со помош на дронови, сателитски снимки и новата апликација „MyCoast", во која секој може да пријави прекршоци, преземаат мерки против забранетата приватизација на плажите.
Во март годинава, владата воведе и нови правила за изнајмување лежалки. Чадорите за сонце и лежалките сега мора да бидат оддалечени најмалку четири метри од морето. Изнајмувањето е целосно забрането на плажите со широчина помала од четири метри. Изнајмувањето е профитабилен бизнис: две лежалки и чадор за сонце во Грција обично чинат од 20 до 40 евра дневно, а тие суми се значително повисоки на некои популарни грчки острови.
Од сезона во сезона, гневот на Грците поради нелегалното комерцијално користење на плажите се зголемува. Во летото 2023 година - рекордна туристичка година со 33 милиони посетители - на островот Парос се појави таканареченото движење на пешкирите, кое бара законски гарантиран пристап до плажата дури и за гостите кои не плаќаат.