1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Стразбур: Јанакиески неоправдано бил држен во притвор

ДТЗ
14 ноември 2023

Државата ќе треба да му исплати 3.900 евра оштета на поранешниот министер за транспорт и врски за притворите за два случаи - „27 април“ и „Шпанските скали“

https://p.dw.com/p/4Ymnq
Миле Јанакиески
Миле Јанакиески неоправдано бил држен во притворФотографија: DW/P. Stojanovski

Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) донесе пресуда во која се посочува дека на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор во два судски случаи - за „27 април“ и „Шпанските скали“. Државата ќе треба да му плати оштета од 3.900 евра, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата, како и 2.200 евра за трошоци и расходи.  

Судот утврдил дека недостигаат релевантни и доволни причини на неговото лишување од слобода и ненавремено биле разгледувани жалбите коишто се поднесувани за притворите, што е прекршување на член 5 ставови 1, 3 и 4 од Конвенцијата. 

Од Кривичниот суд појаснуваат дека, според пресудата, притворот за Миле Јанакиевски е оправдан, а критикувана е должината на жалбената постапка. „Во ниту еден дел не ја оспорува основаноста на определените мерки притвор и куќен притвор во прв степен, напротив ЕСЧП констатирал дека притворот бил оправдан, но утврдува пропусти во лишувањето од слобода на обвинетиот, како и „брзината“ на жалбената постапка во повисок степен“, се наведува во соопштението.

Во прилог на образложението дека основаноста на определениот притвор бил поткрепен со соодветни докази, според Основниот кривичен суд Скопје, говори и точка 95 од пресудата според која „нема индикации дека оценката направена од домашните судови во овој поглед била произволна или очигледно неразумна“

Две постапки 

Предметот се однесува на две кривични постапки против Јанакиески - за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и за злоупотреба на службената положба, при што со одлуки на домашните судови тој беше лишен од слобода. Судот утврдил дека има повреда на член 5 став 3 од Конвенцијата поради недостиг на доволно причини за лишување од слобода на апликантот и дека има повреда на член 5 став 4 од Конвенцијата поради недостаток на „брзо“ преиспитување на одлуката за негово притворање. 

Морална сатисфакција  

„На денешен ден на Миле Јанакиески за прв пат му беше определен притвор. Токму денес, после цели 5 години Европскиот суд за човекови права објави одлука со која утврдил дека постои повреда на правото на слобода на Миле Јанакиески затоа што не постоеле доволни причини за неговото лишување од слобода“, коментира поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на Фејсбук. 

Јанкулоска, која што деновиве излезе од затвор, коментира дека „оваа одлука значи морална сатисфакција за Миле, но ништо не може да го надомести неповратно изгубеното време“.

Јанакиески беше министер за транспорт и врски до мај 2015 година. Од мај 2016 до декември 2017 година бил вработен во партијата ВМРО ДПМНЕ. Тој беше наизменично задржан во затвор и ставен во домашен притвор во неколку одделни кривични постапки.

Јанакиески во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот „Титаник“. Со измените на Кривичниот законик,  јавниот обвинител деновиве  се откажа од понатамошно гонење на Јанакиески и останатите обвинети во случајот „Топлик“ поради застареност.