Финците се најсреќни, Македонците се најнесреќни во регионот
20 март 2023Финска повторно се најде на врвот на светската листа на земји со најсреќна популација, позиција на која убедливо се наоѓа веќе шеста година по ред. Во најновиот Светскиот извештај за среќа, друштво на врвот на листата и прават Данска, Исланд, Израел, Холандија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Луксембург и Нов Зеланд. Германија падна за две позиции од минатата година на 16-то место. Северна Македонија се наоѓа на 87. место - пред неа се Конго и Јужна Африка, а едно место подолу е Венецуела.
Најслаб рејтинг во регионот
Сите земји од регионот се подобро рангирани на листата од Северна Македонија. Па така, од земјите од регионот, Словенија е најсреќна на 22 место, Италија е 33-та, Хрватска е на 48 место, Црна Гора е на 67 место, додека Босна и Херцеговина е на 71. место во Светскиот извештај за среќа
Што се однесува до соседните земји, Бугарија е на 77 место, Албанија е 83-та, Косово е на 34 место, Србија е на 45-та позиција, а Грција е 58 на листата. Авганистан и Либан се двете најнесреќни земји во светот.
Извештајот секоја година го составуваат научници во САД врз основа на анкети на Институтот Галуп и со него се опфатени 137 земји. Граѓаните одговараат на прашањето - колку се задоволни од својот живот.
Во јули 2012 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 20 март за Меѓународен ден на среќата, што ја промовира идејата дека „стремежот кон среќата е основна човечка цел“.