Тајван „на нишан“ на Кина по посетата на Пелоси
4 август 2022Откако Ненси Пелоси, претседателката на американскиот Конгрес замина од Тајпеј во средата, по средбата со претседателката Тсаи Инг-вен каде даде „цврсто ветување“ дека САД секогаш „ќе бидат покрај Тајван“, островот се подготвува да се справи со „одговорот“ на Кина која подготвува демонстрација на голема воена сила. Пелоси е највисокиот американски функционер кој го посетил Тајван во последниве 25 години. Пекинг го смета Тајван, островот со самоуправување, за кинеска територија и ги критикува ваквите посети на високо ниво од американски претставници, заедно со сè што би сугерирало дека Тајван е независна земја. Иако САД немаат формални дипломатски односи со Тајван, Вашингтон е најважниот политички и воен поддржувач на Тајпеј.
„Сега, повеќе од кога било, солидарноста на Америка со Тајван е клучна и тоа е пораката што ја носам денес овде,“ рече Пелоси.
„Ако претседател на американскиот Конгрес е подготвен да дојде во Тајван за да ги потврди односите со земјата од демократска перспектива, тоа ќе влијае и на другите демократски лидери,“ вели Веи-Тинг Јен, тајвански професор по политички науки и професор на Франклин и Маршал колеџот во САД.
Кина одговори со демонстрација на сила
Откако Пелоси допатува во вторникот вечерта, Пекинг најави воени вежби и со боева муниција во шест поморски блока околу Тајван кои ќе траат од четврток до недела. Преку соопштение, Ши Ји, портпарол на Источната команда на Кинеската народна ослободителна армија, ПЛА вели дека воените операции се „одвраќање од голема ескалација“ во врска со „Тајванското прашање“ како и дека се „сериозно предупредување“ за „сепаратистичките активности на тајванските независни сили“. Во соопштението се вели и дека вежбите ќе вклучат и „поморско-воздушни заеднички вежби..како и гаѓање со боева муниција со долг дострел“ во Тајванскиот теснец и „тестирање и лансирање на конвенционални ракети“ во близина на источниот брег на островот.
Кинеската државна новинска агенција Ксинхуа, која дојде до мапите каде ќе се одвиваат вежбите, ги советува бродовите и авионите да ги избегнуваат областите каде што ќе се одвиваат воените вежби.
Во средата, Министерството за одбрана во Тајпеј сооопшти дека дел од вежбите на ПЛА во кои е предвидено и гаѓање со боева муниција ги повредуваат тајванските територијални води кои се протегаат до 22 километри од брегот. Министерството за одбрана нагласи дека означените кинески „забранети зони“ претставуваат „поморска и воздушна блокада“ на Тајван која го загрозува авионскиот и поморскиот сообраќај.
„Тие се преклопуваат со нашите територијални води и воздушниот простор и сериозно го нарушуваат нашиот суверенитет,“ изјави портпаролот на министерството, Ју Чиен – чанг.
Последен пат Кина одржа вакви воени вежби во близина на Тајван за време на „Третата криза во Тајванскиот теснец“ во 1995-96, која беше одговор на посетата на првиот демократски избран претседател, Ли Тенг-ху на САД,.
„Одамна не сме виделе вакви вежби од Пекинг во кои е вклучено и гаѓање со мунција, но секако не е неочекуван потег,“ вели Лев Наман, професор по политички науки на Националниот Униврзитет Шенги во Тајван.
„Кина дефинитивно користи потешки воени и тактики за заплашување, но тие не ескалираат до степен кој не сме го виделе досега“, нагласува Наман.
Ќе интервенираат ли САД ако нападне Кина?
Според „Законот за односи со Тајван“, САД се обврзуваат да ѝ помогнат на тајванската одбрана, но не се предвидува обврска за директна воена интервенција. Вашингтон останува на ставот за „стратешка двосмисленост“ во однос на воена интервенција во Тајван.
Сепак, последните изјави на претседателот Џо Бајден дека САД ќе го „бранат“ Тајван ако Кина го нападне островот, предизвикаа остри реакции поради што Белата Куќа мораше да дообјасни дека нема промена на позицијата на Вашингтон.
„Ние сме поддржувачи на статус кво и не сакаме ништо да се му се случи на Тајван на сила,“ рече и Пелоси во средата по средбата со претседателката Тсаи.
Уште кога дојде на власт во 2013., кинескиот претседател Ши Џипинг му даде приоритет на „повторното обединување“ со Тајван и не исклучи употреба на сила за да го оствари тоа. Од минатата година, Пекинг го зголеми воениот притисок врз Тајпеј со речиси секојдневно испраќање на голем број борбени авиони во зоната на тајванската воздушна одбрана.
Експертите подолго време изразуваат загриженост од можна воена ескалација предизвикана од погрешна пресметка од било која страна.
„Мислам дека целта на Пекинг не е да започне голем конфликт и имаат причина да ја задржат во одредени рамки секоја ескалација на закани или притисок врз Тајван. Но, во зависност од тоа што прават, се зголемуваат шансите за инцидент,“ вели Карис Темпелман, тајвански експерт од Институтот Хувер на Универзитетот Стенфорд.
Винсент Чао, поранешен директор на претставништвото на Тајван во Вашингтон кое се смета за нивна амбасада, вели дека „Американската поддршка за безбедноста на Тајван е клучна за мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“.
„Од тајвански аспект, вакви посети се многу важни. Луѓето во Тајван гледаат на ангажманот меѓу Тајпеј и Вашингтон како на важен дел за мирот и безбедноста во Тајван “, нагласува тој.
Како реагираат Тајванците?
Откако Русија ја започна инвазијата врз Украина на крајот на февруари, луѓето во Тајван се алармирани и будно следат дали Кина планира сличен напад.
„Од војната во Украина наваму не мислам дека загриженоста на меѓународната заедница за тоа дека посетата на Пелоси може да предизвика потенцијален воен конфликт е претерана," вели Менгјинг Јанг, професионалец од областа на маркетингот во свои 30-ти години.
Сепак, „многу Тајванци се веќе отрпнати на повиците на Пекинг за користење сила за повторно обединување со Тајван ако е тоа потребно," посочува таа.
Куан Тинг Чен, претседател на тајванскиот тинк-тенк НекстЏен Фондација вели дека многу луѓе во Тајван мислат оти „најдобар начин да се справат со вакви заплашувања е да си продолжат со нормален живот со оглед на тоа дека Пекинг истото ниво на закани го држи со децении”. Тој потенцира дека „тие се веќе навикнати на заплашувањата од страна на Пекинг”.
Други за ДВ велат дека неизвесноста во врска со реакцијата на Кина е загрижувачка.
„Сигурен сум дека одмаздата ќе биде повеќеслојна, вклучително и воена, економска и дипломатска”, вели Чијаонинг Су, академик од Тајпеј.
„Тајванскиот народ ментално е подготвен за таквата одмазда, но сепак сум загрижен за степенот на мерките што ќе ги преземе Кина," додава таа.