1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таравари: Нe повеќе од 6 месеци за уставните измени

5 април 2024

На мандатарот за формирање влада да му се бара динамика со рокови за спроведување на уставните измени - не велам за месец, два или три, туку да не биде повеќе од шест месеци, рече Таравари

https://p.dw.com/p/4eSAJ
Арбен Таравари
Арбен Таравари, кандидатот за претседател на опозициската коалиција „Вреди“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кандидатот за претседател на опозициската коалиција „Вреди“ ја посочи временската рамка која би ја прифатиле за спроведување на уставните измени, што е услов за нивно учество во составување на нова влада. Рокот го спомна во контекст на најавата дека ако биде претседател, првото патување треба да му биде за Брисел, од каде ќе бара од високите претставници на ЕУ да  нема други услови за Македонија,  освен оној за  уставни измени.

„Со ова да се вратиме во Македонија и на мандатарот на кој му се дава мандат за формирање влада да му се бара динамика со рокови за спроведување на уставните измени. Не велам за месец, два или три, туку да не биде повеќе од шест месеци, со цел ова да заврши, и Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ“, рече Таравари во дебата со претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи на ТВ21.

Ако се отвора Уставот, неопходен услов за кој ќе преговараат од „Вреди“ е и промена на формулацијата „20%“ која се однесува за албанскиот јазик. За разлика од ова, не бил неопходен услов идејата  претседателот на државата  да се избира во Собранието, туку постоела подготвеност да се отвори дебата за тоа прашање.

Крај на поразите

Токму до коалицијата „Вреди“ порака синоќа упати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од митингот во Скопје на старот од кампањата на претседателската кандидатка Гордана Сиљановска.

„Порака до  албанската опозиција -  сакаме да коалицираме со вас, но и да се почитуваме како пријатели и сограѓани. И Македонците и Албанците и сите останати ги имаат истите проблеми и предизвици. И вашите синови и ќерки се иселуваат како и нашите. Да работиме заедно за држава со систем во која сите еднакво ќе имаат привилегии, но и одговорност“, порача Мицкоски.

Во говорот тој се осврна на францускиот предлог, за кој рече дека властите го претставиле како голем успех, а всушност е јамката околу вратот на Македонија, но не објасни како ќе го решаваат прашањето за уставните измени.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: Ќе ставиме крај на откажувањата и поразите. Македонија не смее повеќе да губиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Удираат по темелите, а Бугарија ја користи слабоста на македонската влада. Создадоа раздори и кавги. И` овозможија на Бугарија - Македонија и историското ВМРО да го гледаат како дел од нивната историја, а тоа главниот елемент од нашата македонска историја што самото по себе покажува дека имаме различна историја (...) Планот нивен за ЕУ е - да ги ставиме Бугарите во Уставот, па после што биде нека биде. Тоа не е план за ЕУ, тоа е продолжување на нестратешкото работење по принципот ‘купи ден продај’. Ќе ставиме крај на откажувањата и поразите. Македонија не смее повеќе да губи“, рече Мицкоски.

Опасност од враќање назад

Порака на темата европска интеграција стигна и од Прилеп, каде синоќа митинг имаше претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски.

„Ние мора да направиме сѐ после овие избори да го деблокираме интеграцискиот процес, затоа што не ни се пишува добро“, порача тој, предупредувајќи дека без членство во ЕУ ќе продолжи иселувањето на младите.

„Со пристап до европските фондови убеден сум дека за три-четири години можеме да го дуплираме стандардот на секој македонски граѓанин, затоа што тоа го покажуваат примерите на сите држави кои влегле во ЕУ“, образложи тој.

Стево Пендаровски
Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски: Без членство во ЕУ ќе продолжи иселувањето на младитеФотографија: President of North Macedonia

Рече дека овие избори нема да ги нарече „историски“, но предупреди на опасност од главната опозициска партија која нуди враќање назад.

„Ниеден договор не им чини. Дали верувате дека 23 години по Рамковниот договор кој ја спречи војната, тие би сакале и него да го менуваат. Дали ви се верува дека сакаат и Преспанскиот да го враќаат назад, затоа што им пречи името Северна Македонија. А не им пречат функционерските плати што ги земаат како пратеници и градоначалници со ‘Северна’. Па што не ги вратат мандатите? Не им пречи ‘Северна’, сакаат да дојдат на власт“, оцени Пендаровски.

Клучни услови на ДУИ

Уставните измени остануваат клучен услов на ДУИ, а тие нема да прифатат никаква коалиција со партии кои ги оспоруваат постигнатите договори, порача синоќа претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи. Тој го повтори ставот дека за земјата нема друга алтернатива освен интеграција во Европската унија, како единствениот мотор што ја движи државата напред кон праведна држава, а создаден е и геополитички моментум за тоа.

Бујар Османи
Претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи: За земјата нема друга алтернатива освен интеграција во Европската унијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Веднаш после изборите наш услов за да бидеме дел од владата ќе бидат уставните измени и ние нема да прифатиме никаква коалиција со партиите кои газат над четири принципи: Преспанскиот договор, Охридскиот договор, Договорот за добрососедство (со Бугарија-н.з.) и  ветингот со меѓународен одбор“,образложи Османи.

До неговата партија Мицкоски од синоќешниот митинг ја испрати следната порака.

„Порака до ДУИ - и опозиција е добра за развојот на една партија и за оценка на сопствените грешки. Ослободете се од криминалот, ослободете ја државата од вашите корумпирани функционери и ќе го цениме тоа како ваш влог во соживотот и во системот на државата“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој претходно нагласи дека нивна цел е „да ја вратат Македонија во рацете на народот и да ја одземат од рацете на 100-тина функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ“.