1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска шпионажа – тајните служби одамна предупредуваат

6 март 2024

Германски офицери шпекулирале околу ракетите Таурус за Украина, а Кремљ прислушувал. Тоа не е никакво изненадување, туку дел од хибридно водење војна, на што експерти одамна предупредуваат.

https://p.dw.com/p/4dCTl
Русија го прислушувала Бундесверот
Русија го прислушувала БундесверотФотографија: Christian Ohde/CHROMORANGE/picture alliance

Офицери од германското воздухопловство разговарале околу евентуални можни сценарија за случај Германија, без оглед на  ветото на канцеларот Олаф Шолц,  да и` испорача крстосувачки ракети од типот Таурус на Украина, а  Русија сето тоа го слушала.  Уште повеќе: Русија преку своите државни медиуми јавно го објави тајно снимениот разговор.

Последица: масивен сомнеж на НАТО во доверливоста на Германија како воен партнер. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во првата реакција  рускиот прислушувачки напад  го нарече „хибриден напад заради ширење дезинформации“, дека тој е „дел од информативната војна која ја води Путин.“

Историска пресвртница за внатрешната безбедност

Целта на тој напад е „предизвикување несигурност и поделби“, дополни подоцна портпарол на Министерството за одбрана. Но, ова всушност не е изненадувачки, напротив. „Руската војна против Украина значи историска пресвртница и за внатрешната безбедност“, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер уште во јуни 2023 година.

Повод беше актуелниот извештај на Сојузната служба за заштита на уставот, кој таа го претстави заеднички со шефот на службата, Томас Халденваг. Негова проценка: опасноста од руски шпионски активности дополнително е зголемена. И тоа и покрај фактот што до тој момент Германија веќе протера 40 руски дипломати, лица кои Москва ги акредитирала во нејзината амбасада во Берлин, а се осомничени дека всушност се шпиони.

Предупредување од офицери на руски тајни служби

Русија ќе ги приспособи своите методи и во иднина ќе постапува уште поагресивно, оцени Халденванг. Колку бил во право, покажува последнава афера со прислушување на Бундесверот. Претседателот на Службата за заштита на уставот навести и кои методи може да се очекуваат од рускиот претседател Владимир Путин: ангажирање на нелегални офицери на руски тајни служби, кои во Германија би дејствувале со лажен идентитет.

Истрага по убиството во Тиергартен во Берлин, 2019 година
Истрага по убиството во Тиергартен во Берлин, 2019 годинаФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture-alliance

„Руските служби во краен случај не се воздржуваат ни од убиства“, истакна Халденванг, алудирајќи меѓу другото и на т.н. убиство во Тиергартен во Берлин.  Жртвата, Чеченец во егзил во Германија,  во 2019 година беше ликвидиран веројатно по налог на руска тајна служба. Убиецот во меѓувреме е на отслужување на казната доживотен затвор.

Засилување на непријателска пропаганда

Од нападот на Русија на Украина, којшто се коси со меѓународното право, Службата за заштита на уставот регистрира растечки димензии на непријателска пропаганда во Германија. Во неа спаѓаат и проруски групи кои ја оправдуваат агресорската војна. Нивната и целта на Путин е да ги привлечат на своја страна луѓето од поранешниот Советски Сојуз кои во меѓувреме живеат во Германија.

„Овие луѓе Путин ги смета за ’свои Руси’, луѓе врз кои сака да изврши влијание“, изјави Халденванг. Меѓутоа, руската дијаспора во Германија мнозински е тешко подложна на руска пропаганда, додаде тој смирувачки.

Човекот на Москва во БНД во Берлин

Повод за посебна загриженост имаше напротив претседателот на  германската тајна служба надлежна за странство (БНД),Бруно Кал. Зашто во декември 2022 година, десет месеци по почетокот на војната во Украина, беше уапсен соработник од неговата служба поради сомнеж за извршено државно предавство. Карстен Л. На руската тајна служба ФСБ ѝ предал доверливи документи.

Против осомничениот шпион од БНД во декември 2023 година беше поведен судски процес. Тоа важи и за неговиот соучесник, бизнисменот Артур Е., кој беше уапсен во јануари 2023 година. Во обвинението станува збор за девет документи, кои се однесуваат на проект за собирање технички податоци. Претседателот на БНД на шпионската афера реагираше со засилени безбедносни мерки во службата.

Централата на БНД во Берлин, Германија
Централата на БНД во Берлин, ГерманијаФотографија: Kay Nietfeld/picture alliance/dpa

Калкулацијата на Владимир Путин

За тоа колку опасна ја смета  руската шпионажа  и пропаганда, Кал зборуваше само неколку месеци по инвазијата врз Украина на јавно сослушување во Парламентарната контролна комисија задолжена за тајните служби во Бундестагот. Постапките на Путин тој ги опиша како резултат на пресметката меѓу трошок и добивка: политички, воено и економски.

Во разговорот со членовите на Комисијата стана збор и за извештаите за мини-дронови забележани над базите на Бундесверот, посебно во оние каде се врши обука на украински војници за ракување со германско оружје.

„Тоа веќе го имаме во вид, зашто е фактичка закана“, изјави своевремено претседателката на воената тајна служба (МАД), Мартина Розенберг. Шпионските обиди не може директно да ѝ се припишат на Русија, но веројатноста е голема. Во актуелниот случај за прислушување на разговорот меѓу германските офицери од воздухопловството меѓутоа не постои никаков сомнеж за тоа кој се крие зад него: тоа е Кремљ.