1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСловенија

Поплави во Словенија: шест загинати и штети во милијарди

СН/агенции
8 август 2023

Во катастрофалните поплави во Словенија, досега, според официјалните информации, загинаа шест лица. Премиерот Роберт Голоб пак изјави дека штетите од поплавите ќе достигнат неколку милијарди евра.

https://p.dw.com/p/4UrRk
Уништен мост во близина на местото Камник кое беше тешко погодено од поплавите
Уништен мост во близина на местото Камник кое беше тешко погодено од поплавитеФотографија: Luka Dakskobler/SOPA/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Словенија продолжува да се бори со последиците од најтешката природна катастрофа во нејзината историја од прогласувањето на независноста во 1991 година. По обилните дождови на крајот на минатата недела, многу области во долините на реките Сава, Драва и Мура и натаму се поплавени. 

Бројот на загинати во меѓувреме се искачи на најмалку шест лица. Според надлежните служби, тука спаѓа и припадник на спасувачките екипи, кој за време на расчистувањето на теренот паднал во јама настаната од одрон на земјиште. На истокот на земјата пак во надојдена река е откриено тело на мртов маж. Според информациите, од останатите четворица загинати двајца се Словенци и двајца холандски туристи. 

Поради обилните врнежи од дожд што во изминатите неколку дена ја зафатија Словенија, нагло порасна водостојот на бројни реки и потоци, а значителни површини во таа земја беа поплавени. Поплавите, а потоа и одроните предизвикаа огромна материјална штета, која премиерот Роберт Голоб  првично ја процени на околу 500 милиони евра. Во најновата проценка дадена во изјава за словенечкиот јавен сервис, Голоб говореше за далеку поголеми штети. 

„Штетата ќе изнесува неколку милијарди евра“, рече Голоб, додавајќи дека  за ефикасна санација на штетите ќе биде потребно да се направи се што е можно, секаде каде што е можно и да се добијат што повеќе средства од европските фондови и помош од странство.

Бројни реки во Словенија се излеаја од коритата
Бројни реки во Словенија се излеаја од коритатаФотографија: Borut Zivulovic/REUTERS

ЕУ и НАТО на помош

Шефот на словенечката влада претходно ги повика на помош Европската унија и НАТО.  Љубљана бара од Северноатлантскиот пакт, меѓу другото, да испрати 200 војници на НАТО кои би помогнале на лице место во пружање помош на населението. спасувачки операции и други задачи. Преку механизмот на ЕУ за помош при катастрофи, Словенија побара од другите членки на Унијата брзо да испратат 30 багери, 30 парчиња специјална механизација за регулирање на протокот на вода, односно испраќање инженерски тимови кои треба да управуваат со оваа опрема во поплавените подрачја.

На словенечкиот список со желби од ЕУ и НАТО има и 20 понтонски мостови долги до 40 метри. Од НАТО Словенците очекуваат и пет воени хеликоптери со поголема носивост (најмалку пет тони) за транспортни цели. Најголема материјална штета досега е регистрирана на патната и енергетската инфраструктура, а оштетени или уништени се неколку стотици станбени објекти.

Расчистување на штетите: Помага кој може и како може
Расчистување на штетите: Помага кој може и како можеФотографија: Borut Zivulovic/REUTERS

Итно решение за директно погодените

Премиерот Голоб од своја страна најави дека владата денеска (8 август, 2023)ќе усвои пакет помош за директно погодените.

„Сакаме да им го покажеме на луѓето решението денес“, рече тој, додавајќи дека времето за акција не треба да се брои со месеци и со години, туку со денови и со недели.

Неопходно е да се врати довербата на луѓето во државата и во иднината, посочи тој.

Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови во северозападна и централна Словенија, а армијата, пожарникарите и спасувачите се обидуваат да ги ослободат останатите и да ги расчистат улиците. Поплавите почнаа да се намалуваат во понеделникот, но некои области се уште се отсечени од останатиот дел на земјата.