Трамп и Бајден: две посети на границата со различни пораки
1 март 2024Вака звучи конфронтација: Во Игл Пас, Тексас, Доналд Трамп воведе нов поим во предизборната реторика „криминалот на Бајден со доселувањето“ (на англиски: Biden Migrant Crime). Подготвеност за компромис пак звучи вака: 500 километри подалеку, во Браунсвил, Џо Бајден подаде рака и рече „ајде да се обидеме заедно" порачувајќи му на Трамп да им каже „на пријателите во Конгресот да гласаат за надпартискиот Закон за заштита на границите!" Притоа се мисли на пакет мерки за обезбедување на границата, кој двете партии заеднички го договорија во Сенатот и кој сега е блокиран од страна на републиканците во Конгресот, веројатно по налог на Трамп. Илјадници мигранти се обидуваат долж Рио Гранде да најдат начин да влезат во САД.
Добро познатата реторика на Трамп
При неговата прва посета на границата по повеќе од една година, Бајден и натаму вината ја префрла на опозицијата, но во неговиот настап барем се бараше некакво решение и кооперација во функција на решавање на прашањето. Трамп пак се вртеше околу вообичаените хорор сценарија – дека луѓето кои доаѓаат до границата со САД се од затвори или од лудници и дека се терористи. За илустрација се повика на една трагедија која денививе ги потресе Американците, имено смртта на 22-годишната студентка Лејкен Рајли од Џорџија која веројатно била убиена од еден Венецуелец, кој пред година и половина илегално ја преминал границата кај Ел Пасо. Бајден никогаш не би ја споменал Рајли, вели Трамп, и нејзиниот убиец го нарече „монструм“. „Измамничкиот Бајден“, како што подбивно и стандардно Трамп го нарекува ривалот, го довел „убиецот“ во земјата. Се чини дека математиката на Трамп покажува дека такво заострување на ситуацијата ноци повеќе гласови отколку пристап ориентиран кон изнаоѓање компромисно решение.
Нема мнозинство за законот
Демократскиот сенатор Крис Марфи од Конетикат смета дека тоа е фрустрирачки. Тој е еден од авторите на блокираниот закон. Трамп нема интерес да се расчисти ситуацијата на границата, рече Марфи за Си-Ен-Ен. Хаосот политички повеќе му е од корист, вели сенаторот. Па така и натаму не се очекува мнозинство за законот кој треба да обезбеди повеќе средства за заштита на границата, побрза постапка за азил и право на претседателот по потреба целосно да ја затвори границата. Со тоа на Бајден му преостанува само серија од мерките да ги спроведе со декрети. Бројките покажуваат дека постои потреба од дејствување – минатата година повеќе од два милиони лица илегално ја преминале јужната граница кон САД. За време на Трамп беа 800 илјади лица годишно.