1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Трамп и Блискиот исток: Засилен ангажман за прекин на огнот?

СН/агенции
11 јануари 2025

Доналд Трамп, по повторниот избор за претседател, главно со закани кон Хамас реагираше на случувањата на Блискиот Исток. Спроти инаугурацијата се чини оти ги конкретизира напорите за постигнување прекин на огнот во Газа,

https://p.dw.com/p/4p3PW
Досега испраќаше главно закани кон Хамас: Доналд Трамп
Досега испраќаше главно закани кон Хамас: Доналд ТрампФотографија: Andrea Renault/STAR MAX/picture alliance

Според објава на катарското Министерство за надворешни работи, специјалниот пратеник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток разговарал во Доха со премиерот на Катар за напорите за посредување со цел да се постигне прекин на огнот во Појасот Газа.

Разговорите кои се одржаа меѓу претставникот на Трамп, Стив Виткоф, и катарскиот премиер Мохамед Абделрахман ал Тани, се однесуваа на последните случувања во регионот, особено на напорите за постигнување прекин на огнот во војната во Газа, се вели во соопштението, без да се наведат други детали.

Продолжување на преговорите во Катар

Индиректните преговори меѓу Израел и палестински Хамаспродолжија минатиот викенд во Катар со цел да се постигне прекин на огнот на палестинските територии и ослободување на заложниците земени за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Катарскиот премиер Мохамед Абделрахман ал Тани
Катарскиот премиер Мохамед Абделрахман ал ТаниФотографија: Nathan Howard/REUTERS

Дека Трамо очигледно го засилува напорите за постигнување примирје во војната во Газа, говори и инфомацијата дека Витков денеска треба да се сретне и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Пред инаугурацијата на Доналд Трамп, американскиот претседател во заминување Џо Бајден во четвртокот објави дека е постигнат „вистински напредок“ во преговорите за ослободување на заложниците.

Пред Бајден, неговиот државен секретар Ентони Блинкен во средата за време на посетата на Париз рече дека договорот за прекин на огнот и за ослободување на заложниците е „многу блиску“.

Трамп му се закани на Хамас со „пекол“

Трамп пред неколку дена се заканисо „пекол“ за регионот доколку израелските заложниците не бидат ослободени од страна на Хамас пред неговото враќање на власт на 20 јануари.

И покрај интензивните дипломатски напори под покровителство на Катар, Египет и на САД, не можеше да се договори примирје во Газа од еднонеделниот прекин на огнот постигнат кон крајот на ноември 2023 година, кој овозможи ослободување на 105 заложници во замена за 240 палестински затвореници од страна на Израел.

Војната во Појасот Газа трае повеќе од една година и три месеци
Војната во Појасот Газа трае повеќе од една година и три месециФотографија: Jim Hollander/Matrix Images/picture alliance

Војната во Појасот Газа беше предизвикана од незапамтено големиот напад на радикалната исламска палестинска организација Хамас и нејзините сојузнички групи врз Израел на 7 октомври 2023 година. Според израелски извори, повеќе од 1.200 луѓе биле убиени, а 251 заложник биле одведени во Појасот Газа. Десетици луѓе и натаму се во заложништво на Хамас во областа.

Од нападот на Хамас, Израел презема масивни воени дејствија во Појасот Газа. Според податоците на здравствените власти контролирани од Хамас, кои не можат да се проверат независно, досега се убиени повеќе од 45.900 луѓе.