Трамп: Канада треба да се спои со САД
7 јануари 2025„Доколку Канада се спои со САД, немаше да има царини, даноците значително ќе се намалат и тие ќе бидат целосно безбедни од заканата на руските и кинеските бродови кои постојано ги опкружуваат“, напиша Доналд Трамп - во понеделникот на својот онлајн сервис Truth Social.
„Заедно - каква голема нација би била тоа“, дополни Трамп.
53-годишниот премиер на Канада, Џастин Трудо ја најави својата оставка неколку часа претходно. По околу една деценија на функцијата, неговата популарност опадна во последните месеци. Тој беше обвинет не само за високата инфлација во земјата, туку и за кризата на станбениот пазар и јавните услуги.
Трамп на крајот на ноември најави дека ќе воведе царина од 25 отсто за увоз од Канада. По средбата со Трудо во неговата приватна резиденција во Флорида, десничарскиот популист се пошегува дека вечерал со гувернер. Во САД, „гувернер“ е официјална титула за шефовите на влади на одделни американски сојузни држави. Фокс њуз објави дека Трамп му рекол на канадскиот лидер дека неговата земја треба да стане 51-та американска држава доколку не може да се справи со зголемените царини.
Плановите за проширување на Трамп одат уште подалеку: како и во неговиот прв мандат (2017-2021), тој изјави дека сака да го купи островот Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска. Тој, исто така, се закани дека ќе го врати Панамскиот канал под контрола на САД.