1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Смрт, разурнувања, очај: Газа по една година војна

Тања Кремер
7 октомври 2024

На Палестинците во Газа животот им се преврте наопаку по нападите од Хамас на 7 октомври врз јужен Израел. Една година подоцна, огромни делови од Појасот Газа се уништени, а жителите не гледаат крај на повидок.

https://p.dw.com/p/4lUrA
Кан Јунис по повлекувањето на израелската армија
Кан Јунис по повлекувањето на израелската армија - масовно разорувањеФотографија: Ali Jadallah/Anadolu/picture alliance

„На 7 октомври се разбудивме од звукот на ракети. Звучеше страшно, ситуацијата беше страшна и почнавме да гледаме вести и така дознавме што се случува“, раскажува Варда Јунис за ДВ преку СМС порака од северниот дел на Газа. „Од тој ден се појави најдлабокиот страв и никогаш не исчезна“, вели Јунис.

По минатогодишните напади од Хамас врз јужен Израел, за  жителите на Појасот Газа  сѐ е променето. До тој момент Израел и Египет строго ги контролираа границите на енклавата. Но, во раните утрински часови на  7 октомври, милитантите на Хамас лансираа серија ракетни напади и ги пробија оградите, навлегувајќи во Израел каде што дивееја низ пограничните населби и воените бази во  јужен Израел.  Околу 1.200 луѓе загинаа, а милитантите зедоа и 250 заложници во Газа. Израелската војска возврати уште истиот ден со тешки воздушни и артилериски напади низ целата палестинска енклава. „Ја загубив најдобрата пријателка на третиот ден од војната. Нејзината куќа беше до темел уништена во бомбардирањето и се сеќавам дека бев тотално шокирана. Тоа беше ментално исцрпувачки“, вели Јунис, која живеела на седмиот кат од станбена зграда во Шеик Радван, населба во северниот дел на градот Газа.

Три дена по теророт од 7. октомври - транспортирање на мртвите од кибуцот Кфар Аза - припадниците на Хамас тука убиле најмалку 64 цивили
Три дена по теророт од 7. октомври - транспортирање на мртвите од кибуцот Кфар Аза - припадниците на Хамас тука убиле најмалку 64 цивили Фотографија: Ohad Zwigenberg/AP Photo/picture alliance

За Газа војна не е ништо ново, со оглед на тоа дека  Израел и Хамас  водеа четири војни од 2007 година, кога Хамас ја презеде власта од Палестинските автономни власти. Сепак, многумина не очекуваа дека војната ќе трае толку долго и дека ќе биде толку разорна.

Според Министерството за здравство на Газа, контролирано од Хамас, кое не прави разлики меѓу цивили и борци, повеќе од 41.400 луѓе се убиени во енклавата во последните 12 месеци. 96 000 други се повредени, а најмалку 10 000 се водат како исчезнати.

Ограничена помошта за Газа: „Јадевме лисја од дрвја и трева“

Залихите во енклавата брзо се потрошија во првите недели од војната, бидејќи Израел спроведе целосна опсада. Обединетите нации јавуваат дека хуманитарните агенции со месеци предупредувале на  претстоен глад во северниот дел на Газа,  додека израелските власти ги отфрлаат таквите тврдења. Јунис раскажува дека во тој период не можела да најде брашно, ниту пак леб. „Стасавме до фаза во која се храневме од лисја од дрвја и трева. Никогаш во животот не сме ни замислувале дека такво нешто може да се јаде“, раскажува таа.

Кога првите конвои стигнале на север, таа била сведок на насилство и смрт додека луѓето се тепале за храна и помош. Меѓународните хуманитарни агенции во одреден период фрлаа пакети помош од воздух откако ни меѓународниот притисок не успеа да го придвижи Израел да отвори повеќе премини за испорака на помош.

Војна Израел Хамас
Израелската воена офанзива го претвори речиси целото население на Газа во бегалци Фотографија: IDF/Handout/REUTERS

„Секојдневно одев на местата каде што фрлаа помош од воздух“, раскажува Јунис и додава дека трчала „да добие нешто и, на крајот, не добивав ништо бидејќи имаше насилници кои контролираа сè".

Таа оценува дека достапноста на храна од тогаш е подобрена, но сепак е останат стравот и секојдневната изложеност на смрт.

„Повеќето луѓе се со тешки трауми“

Во изминатите 12 месеци, Јунис и нејзините три деца на тинејџерска возраст беа девет пати раселувани. Таа, како и многу други во Газа, изгубила чувство за време постојано  барајќи ново засолниште.

Газа војна
Делење храна во август во беит Лахиа во северот од Појасот Газа Фотографија: Omar Al-Quataa/AFP

Кон средината на октомври 2023 година, израелската војска им нареди на луѓето во северниот дел од Газа да пребегаат на југ. Сепак, Јунис одлучила да остане во местото, и покрај тоа што имала роднини кои можеле да ја сместат со нејзините деца во Кан Јунис, град на околу 8 километри од границата на Газа со Египет. Северна Газа сега е речиси целосно отцепена од коридорот Незарим со израелски контролни пунктови. Повеќето од 2,2 милионското население во енклавата сега се раселени, настегани во јужниот дел од Газа и многумина зависат од помош, посочуваат од хуманитарните организации.

Амџад Шава отсекогаш работел во хуманитарниот сектор како шеф на организацијата која ги претставува сите палестински невладини организации. Откако беше раселен, тој основал нова канцеларија во Деир ал-Балах, град во централна Газа, како центар каде може да се среќаваат хуманитарните организации, да користат интернет и да имаат покрив под кој може да работат. Како и многу други Палестинци во Газа, тој не сакал да го напушти својот дом и канцеларија во градот Газа кога на 13 октомври стасала наредбата од израелската војска за евакуација.

Амџад Шава  Деир ал-Балах во Газа
Амџад Шава (лево напред) во бегалски логор во Деир ал-Балах во ГазаФотографија: privat

„Се воздржував да заминам, но отидовме под притисок на моето семејство“, вели Шава за ДВ. „Им велев дека е само за неколку часа и дека ќе се вратиме. Не зедов ништо од куќата, навистина верувајќи дека ќе си дојдеме наскоро назад. Тие неколку часа, или неколку дена еве станаа цела година“, раскажува Шава.

Тој проценува дека околу 1 милион луѓе нашле засолниште во Деир ал-Балах, многумина живеат во шатори или импровизирани засолништа од церади и пластика. Други нашле станови или престојуваат кај роднини.

„Им го гледам тоа на нивните лица“, вели Шава и додава дека  „повеќето се длабоко трауматизирани. Тие изгубиле сè. Многумина загубиле свои најблиски. Повеќето ги загубиле приходите и своите домови“.

Тој вели дека многумина сакаат да се вратат во северниот дел на Газа, иако им ги нема домовите, но за тоа е потребен договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Хуманитарната работа е ризична, но придонесува за „одредена надеж“

Да се ​​биде хуманитарец во Газа е ризично, вели Шава. Многумина умреле обидувајќи се да им помогнат на други, или загубиле свои сакани.

„Не можеме да „се справиме“ со ова. Во отсуство на каква било перспектива,понекогаш треба да создаваш надеж за оние околу тебе“, вели тој.

За него Газа во која е роден и пораснат ја нема. Повеќе од 60% од домовите во Газа, кои веќе имаа претрпено штети во претходните војни, се оштетени во актуелниот конфликт. Од училишта, болници и дуќани исто така се останати само урнатини.Обединетите нации проценуваат дека од израелските воздушни напади и копнените борби се настанати околу 40 милиони тони рушевини низ Газа. Иако Газа може да се обнови и „иднината, утрешниот ден е многу важен“, Шава вели дека најважна е сегашноста и „да се остане жив“.

Хуманитарецот додава дека многумина изгубиле доверба во помошта од меѓународната заедница. „Ова што го посведочивме е резултат и на неуспехот на меѓународната заедница да стави крај на оваа војна или, барем, да ги заштити цивилите“, заклучува Шава.