1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема пилоти за „ер тракторите“ - како ќе се гаснат пожарите?

ДТЗ
20 јуни 2024

Иако надлежните за ваквата ситуација алармирале изминатите месеци, до сега не е најдено решение.И понатаму недостигаат и пожарникари и опрема за справување со огнените стихии

https://p.dw.com/p/4hJTI
ер трактори
Нема пилоти за „ер тракторите - како ќе се гаснат пожарите?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ер тракторите“ за гаснење на пожари годинава се функционални, но пред летото и екстремните горештини Северна Македонија се соочува со нов проблем - нема пилоти коишто би управувале со авионите. Иако надлежните за ваквата ситуација алармирале изминатите месеци, до сега не е најдено решение.

„Државата располага со четири функционални хеликоптери за гаснење на пожари од кои три се во рамки на МВР и еден на Армијата, како и три „Ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), но за жал во овој момент се нефункционални. Причина за тоа е што двајца пилоти заминале во пензија, а со само еден активен пилот авионите не смее да летаат“, информираше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. 

Недоволно подготвени

Тој очекува проблемот наскоро да се надмине, по изборот на новата влада. Информираше дека уште пред неколку месеци  било побарано од Владата да дозволи пензионираните пилоти да продолжат да работат со договор на дело, но техничката влада тоа не го направила. 

„Денеска сме недоволно подготвени, но за максимум десет дена ќе бидеме драстично повеќе подготвени, бидеќи верувам дека веднаш по формирањето владата ќе помогне да бидат ставени во функција трите „Ер трактори“ и ќе биде решен проблемот на ЈП „Национални шуми“, изјави Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање дали државата е подготвена за справување со шумските пожари.

пожари
И понатаму недостигаат и пожарникари и опрема за справување со огнените стихииФотографија: Arbnora Memeti/DW

„Национални шуми“ деновиве испратиле известување дека поради немање финансиски средства во буџетот, тие немаат пари ниту за гориво за возилата, а камоли да излезат и да интервенираат. 

„Јас сум оптимист и верувам дека на првата седница на Влада нивната сметка ќе биде одблокирани за да можеме да сметаме на нивните тимови“, изјави Ангелов. Тој повика за разумно користење на воздухопловите за гаснење на пожари, укажувајќи дека сите имаат одреден број на часови на летање, по што мора да поминат сервис. Поради тоа, земјата не смее да се доведе во ситуација поради интервенирање за помали пожари, да нема на располагање воздухоплови за гаснење пожари кога тоа ќе биде вистински потребно.

Недостигаат пожарникари и опрема

Земјата е зафатена од топлотен бран и прогласена е портокалова фаза, која што носи ризици за здравјето на граѓаните, но и опасност од пожари. На ниво на државата моментално има 938 пожарникари, нопотребни се уште 670.Најалармантна е состојбата во Скопје. 

„Апелирам до сите градоначалници да примаат млади луѓе кои што се здрави и можат да одговорат на гаснењето на пожари. Во овој момент просечна старост на пожарникарите е 42,5 години“, рече Ангелов.

На ниво на држава тие располагаат со 105 цистерни со сопствени пумпи за гаснење на пожари, 33 авто-цистерни, кои носат вода, но немаат сопствени пумпи, понатаму 48 противпожарни теренски возила за гаснење на пожари во шума и непристапни терени, како и 54 класични теренски возила со пумпи, 11 теренски возила, шест командни возила, две возила за превоз на луѓе и опрема и 191 пумпа.

„Колку за илустрација, на ниво на држава располагаме со 629 заштитни опреми, што е помалку од бројот на пожарникари“, вели Ангелов.  

 

Како дроновите можат да помогнат во борбата против шумските пожари