1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Трите грешки на ресорот правда

29 септември 2023

Брзањето е лош советник. Од измените на Кривичниот законик до предлогот на Законот за амнестија, на ресорот правда му се протнаа најмалку три грешки

https://p.dw.com/p/4WwdM
Министерството за правда на Северна Македонија
Министерството за правда на Северна МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Подготвен е амандман со кој ќе се елиминира можноста предлогот на  Закон за амнестија  да го опфати и „помагањето на сторител по извршено кривично дело“, во случаи каде сторителите се обвинети на доживотна казна затвор или на високи казни за други тешки кривични дела, дознава ДВ од правосудни извори.

Ова уследи откако меѓу посочените дела кои не подлежат на амнестија не се најде и кривичното дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“. Тоа на потенцијалниот список за амнестија ги исфрли и имињата на Хаки Азири - осуден на казна затвор од девет години, и Фејзи Азири - осуден на казна затвор од 15 години затвор за тоа дело во случајот „Монструм“. Односно, потенцијално и двајцата имаат можност за милост од државата, со оглед дека во законскиот текст се предлага осудените со казна затвор над шест месеци да се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна.

Ваквата можност го стави под сомнеж наративот дека амнестијата доминантно ќе се однесува на осудени лица, условно речено, за „полесни дела“, со цел нивна ресоцијализација и растоварување на казнено-поправните установи од прекумерниот број осуденици кои во моментов се наоѓаат на отслужување на затворска казна.

„Ако државата нема можност да ги рехабилитира лицата со помали тешки дела, тогаш, посочи Лога, тие ќе треба да се вратат дома како насилници или како криминалци“, стои објавена една од вчерашните клучни пораки на министерот Кренар Лога, на веб-страницата на Министерството за правда.

Кренар Лога, министерот за правда на Северна Македонија
Кренар Лога, министерот за правда на Северна МакедонијаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Во врска со основното дело

Но, споменатиот случај укажува дека се направени пропусти кои може да предзивикаат опасни преседани. Во однос на случајот со Хаки и Фејзи Азири, правни експерти за ДВ објаснуваат дека во контекст на амнестијата - пресудата за нив не може да се гледа изолирано од основното кривично дело.

„Основното кривично дело во предметот ‘Монструм’, за кое на казна доживотен затвор се осудени три лица е ‘тероризам’. За него нема амнестија и затоа кривичното дело на Азири треба да се третира во врска со основното дело“, објаснуваат тие.

Само пред две недели Врховниот суд ги одби како неосновани жалбите на обвинетите за случајот „Монструм“ и ја потврди во целост правосилната пресуда на Апелациониот суд Скопје од 31 март 2022 година за случајот со петкратното убиство кај Смилковското Езеро: три доживотни казни, една од 15 години затвор, една од 9 години затвор и една ослободителна.

 

Одговарајќи на пратеничко прашање, премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека штом предлогот на Законот за амнестија ќе влезе во собраниска процедура, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој споменатите  осудени за „Монструм“ ќе бидат исклучени од можноста за амнестија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагираше на ненавремено дејствување на Ковачевски.

„Овој закон дошол на владина седница и на владина седница можел тоа да го постави како прашање. Ако бил толку многу загрижен и тогаш можел да каже - јас овој закон не го ставам во собраниска процедура, додека ова не се тргне од законот“, рече Мицкоски на ТВ 21.

Петкратното убиство кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година
Петкратното убиство кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Техничка грешка

Ова не е единствен пропуст на ресорот правда. Праксата „пиши - бриши“ ќе зафати и една од неодамнешните  измени на Кривичниот законик,  за кои генерална загриженост изрази ЕУ,  посебно и Кралството Холандија,  а од американската Амбасада најавија дека ќе излезат со оценка откако правен тим ќе ги анализира измените. Покрај измените со кои се намалени казни за одредени дела и водат кон застарување на предмети од висок профил, дури и она што властите го посочија како голема предност (проширената конфискација), завршило со грешка. На ова укажуваат членови на Работната група кои подолг период работат на нов Кривичен законик.

Велат дека не знаат кој ги направил експресните измени на КЗ,  но оти од нивниот нацрт бил преземен делот за еколошки криминал, но и за проширената конфискација каде што била направена грешка, најверојатно при преведување на директивите. Станува збор за „техничка грешка“, но без нејзино исправање се ограничува опсегот на инстанците кои ќе можат да постапуваат во однос на конфискацијата, односно измената станува беспредметна.

Нетранспарентост

Третата грешка е одговорот на Министерството за правда на прашањето кои експерти учествувале во подготвката на неодамнешните измени на Кривичниот законик. Во одговорот со потпис на заменик- министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, а врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, до барателот на информацијата (платформата на ИКС „Само прашај“) е доставен списокот со членови на Работната група кои подолг период работат на нов Кривичен законик, но не и на неодамнешните измени на КЗ.

Оваа Работна група има 26 членови, од кои дел за ДВ категорично тврдат дека ниту учествувале, ниту биле консултирани околу подготовката на измените на КЗ кои беа критикувани во јавноста. Затоа и некои од нив реагирале за објавувањето на списокот со членови на оваа Работна група, како одговор на поставено медиумско прашање.

Велат дека не знаат дали некој од членовите на нивната Работна група сосема индивидуално бил ангажиран или консултиран околу споменатите измени, но доколку има таков случај одговорот треба да го даде Министерството за правда.

Ресорот правда досега двојно падна на испитот за транспарентност: до денес не одговори на прашањето кои експерт/и ги подготвиле измените на КЗ. Второ, дури и погрешниот одговор го достави - не како чин на активна транспарентност - туку само по сила на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи