1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Спасувачите сè уште наоѓаат преживеани од земјотресот

СН/агенции
11 февруари 2023

Повеќе од пет дена по катастрофалниот земјотрес, од Турција сѐ уште пристигнуваат вести дека преживеани луѓе се извлекуваат од под урнатините. Од друга страна, бројот на потврдени жртви и натаму вртоглаво расте.

https://p.dw.com/p/4NMmn
Успешно спасување на преживеан од под урнатините предизвикани од силниот земјотрес во Турција
Успешно спасување на преживеан од под урнатините предизвикани од силниот земјотрес во ТурцијаФотографија: Can Ozer/AP Photo/picture alliance

Бројот на загинати во силниот земјотрес што во понеделникот ја погоди јужна Турција се искачи на 21.043, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. 
Ердоган најави дека ќе преземе конкретни чекори за да започне со обнова на градовите во тешко погодениот југоисточен регион за неколку недели, велејќи дека стотици илјади згради се уништени низ јужна Турција. Со тоа вкупниот број на загинати во земјотресот кој погоди делови од Турција и Сирија порасна на најмалку 25 илјади. 

Од друга страна повеќе од пет дена по катастрофалниот земјотрес, од Турција сѐ уште пристигнуваат вести за спасување на преживеани луѓе. 

Така спасувачките тимови во Турција извлекле  пет члена од едно семејство живи од урнатините на нивниот дом, 129 часа по силниот земјотрес кој ја погоди областа.

Трка со времето во потрага по преживеани во Турција и Сирија

Спасувачите денеска прво ги извлекле мајката и ќерката Хава и Фатмагул Арслан, од рушевините во тешко погодениот град Хурдага во провинцијата Газиантеп, јавија локалните медиуми.

Тие подоцна стигнале до таткото Хасан Арслан, но тој инсистирал прво да ја спасат неговата втора ќерка Зејнеп и синот Салтик Бург. Хасан е извлечен последен, а спасувачите викале „Бог е голем“ додека тој бил префрлан во автомомобилот на итна помош.

Спасувачките тимови кои користат термални камери за да лоцираат знаци на живот, продолжиле да извлекуваат преживеани и денеска, пет дена по разорниот земјотрес во граничната област меѓу Турција и Сирија.

Меѓу спасените денеска се и едно 16-годишно момче во Караманмарс, 119 часа по земјотресот, и една 70-годишна жена три часа подоцна.

Во Антиохија, Турција денеска е спасен и 36-годишниот Ергин Гузелоглан од рушевините на зграда и е префрлен во болница.

36- годишниот Ергин Ѓузелоглан со насмевка ги поздрави спасувачите
36- годишниот Ергин Ѓузелоглан со насмевка ги поздрави спасувачите Фотографија: Can Ozer/AP Photo/picture alliance

Овие спасувања доведоа малку среќа среде огромното разорување по земјотресот со магнитуда 7,8 во кој загинаа околу 25.000 луѓе, а 80.000 се повредени и сруши илјадници згради, а милиони луѓе останаа без кров над главата. Вториот земјотрес со магнитуда 7,5, неколку часа подоцна, нанесе дополнителни разорувања.