1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Тунелите на Хамас – најголем проблем за израелската војска?

Катрин Шаер
25 октомври 2023

Системот на тунели во Појасот Газа би можел да ја искомплицира планираната израелска копнена офанзива. Урбаното војување и инаку е голем предизвик за секоја војска. Како тунелите на Хамас можат да влијаат на операцијата?

https://p.dw.com/p/4XxfZ
Израел врши воздушни бомбардирања против припадниците на Хамас во Појасот Газа
Израел врши воздушни бомбардирања против припадниците на Хамас во Појасот ГазаФотографија: Middle East Images/ABACA/IMAGO

Еден од најголемите предизвици на очекуваната копнена офанзива на подрачјето на Појасот Газа се наоѓа под површината – тоа е системот на тунели на милитантниот Хамас. Организацијата која ЕУ, САД и други земји ја прогласија за терористичка, под своја контрола има, како што се претпоставува, најдолга мрежа на тунели во светот. Со таква голема мрежа, се тврди, располага само уште Северна Кореја.

Со оглед на фактот што мрежата на тунели во Појасот Газа е долга неколку стотици километри, предизвикот со кој се соочува израелската војска е исклучителен – тоа пред неколку дена во својата статија го напиша Џон Спенсер од Американската воена аладемија „Вест поинт“: „Подземниот комплекс кој се шири низ Појасот Газа е проблем преполн подмолни замки и за тоа не постои совршено решение“.

Мрежата на тунели, како што може да се прочита во некои извештаи и проценки, се состои од 1.300 поединечни тунели со вкупна должина од околу 500 километри. Некои се наоѓаат на длабочина и до 70 метри под површината. Најголем дел од тунелите, како што се наведува, се високи околу два метри и широки два метри.

Експертите претпоставуаат дека во тие тунели, меѓу другото, се наоѓаат и околу 200 заложници кои Хамас ги киднапираше при терористичкиот напад на Израел на 7 октомври. Тунелите служат пред сѐ како складишта за оружје, храна и вода, а освен тоа таму има и генератори, гориво и друга опрема. Стручњаците претпоставуваат дека во подземјето се крие и еден дел од раководството на Хамас. Тунелите, се смета, би можеле дополнително да ги отежнат и онака сложените дејства во густо населеното подрачје на Појасот Газа, над кое израелските сили во последните две недели,  по нападот на Хамас, вршат одмазднички бомбардирања.

„Тунелите им овозможуваат на борците да се движат безбедно и слободно меѓу разни борбени позиции“, пишува Спенсер. „Така тие ја неутрализираат израелската предност во однос на оружје, тактика, технологија и организација.“

Подземен тунел на Хамас во Појасот Газа Израел
Подземен тунел на Хамас во Појасот Газа на границата со Израел, снимка од март 2023 година од милитантите на терористичката група Исламски џихад Фотографија: Ashraf Amra/AA/picture alliance

Значи, израелската војска, и тоа не само поради фактот што го обвинува Хамас за злоупотреба на цивилите и нивно користење како „жив човечки штит“, се наоѓа пред проблем често да  не може едноставно да разликува воени од цивилни цели.Според меѓународното право, тоа е пропишано, тврди за Дојче веле Мајк Мартин, специјалист за психологија и водење војна од Кралскиот колеџ во Лондон. Израел од жителите на Газа пред неколку дена побара да ги напуштат домовите и безбедност да побараат во јужниот дел од Појасот Газа.

Комплицирана потрага

Подземните тунели изворно се користени како инструмент за заобиколување на блокадата меѓу Појасот Газа и Египет, а подоцна и Појасот Газа и Израел, за низ нив да се шверцува стока. Поради зголемените израелски вложувања во надзорни системи со помош на дронови и други електронски шпионски уреди, Хамас инвестирал сѐ повеќе пари во ширење на тунелската мрежа.

Изрелската војска во текот на обемната воена операција во Газа во 2014 година ги откри вистинските димензии на Хамасовата мрежа на тунели. По тоа, израелската влада инсталираше подземни блокади по должината на границата со Појасот Газа. На тој начин требаше да се спречи влез на израелска територија преку тунелите на Хамас.

Да се лоцираат тунелите не е едноставно, но постојат разни можности како да се „намирисаат“. На пример со помош на радари и други технолошки системи како термички или акустички сигнали.

Единици на израелската армија
Израелската војска врши подготовки за копнена офанзива во Појасот ГазаФотографија: Jim Hollander/newscom/picture alliance

Борба во подземјето

Генерално, во минатото за „чистење“ на тунелите главо се користени солзавец или хемиски средства, како што во својата книга „Војување во подземјето“ (Underground Warfare) пишува Дафне Ричмонд-Барак, една од водечките светски експерти за таа област. Но, тие методи денес веројатно би се сметале за нелегални, тврди авторката.

Освен тоа, можно е и бомбардирање на тунелите. Израел располага со т.н. „бункер бастер“ бомби, кои се пробиваат длабоко во подземјето. Но, Појасот Газа е едно од најгусто населените подрачја во светот. Тоа подрачје, кое од една страна го блокира Израел, а од друга страна (во главно) и Египет, е долго околу 40 километри, а широко меѓу шест и 14 километри. Во него живеат околу 2,2 милиони луѓе. Дури и ако израелската војска би знаела каде се наоѓаат тунелите, бомбардирањето би било екстремно компликувано поради специфичните карактеристики на Појасот Газа. Можеби дури и невозможно.

Израел освен тоа веќе има користено т.н. „прецизни бомби“ за со нивна помош да затвори некои од тунелите или да ги онеспособи, тврди „Ранд корпорација“. Но, се додава, дека користењето на тие бомби немало баш во целост очекуван ефект.

Додатен предизвик за израелските сили често е фактот што водењето борби во тунелскиот систем не е едноставно. Под површината главно е мрачно и студено. Звуците, на пример од оружје, многу се погласни отколку на површина. А освен тоа поради користењето на оружје се дига и  голема количина прашина. Можно е исто така во тунелите да бидат „посеани“ и бројни експлозивни замки за соперничката страна.

Границата меѓу Израел и Појасот Газа
Границата меѓу Израел и Појасот ГазаФотографија: JACK GUEZ/AFP/Getty Images

Од 2014 година израелската војска во борбата во тунелите користи специјални единици. Нивните припадници тренираат во слично физичко или виртуелно опкружување. Меѓу припадниците на тие единици се и војници обучени за користење специјални сензори, односно обучени за борба во подземје. Во нивните акции имаат поддршка од роботи, односно специјално дресирани кучиња.

Исходот на операцијата неизвесен...

Џон Спенсер вели дека никогаш не се водени толку исцрпни подготовки за водење војна во тунели како оние кои ги врши при обуката израелската војска. Спенсер инаку е еден од основачите на Меѓународната работна група која се занимава со подземното војување.

Дафне Ричмонд-Барак исто така учествувала во основањето на таа работна група, но таа е резервирана во врска со претстојната операција која се очекува: „Израел би морал да спроведе долготрајна и опсежна операција од воздух и на земја, за воопшто да може да ја уништи таа подземна инфраструктура“, напиша таа овој месец во статија за британскиот весник „Фајненшл тајмс“.

Војската, тврди таа, би можела да ги урне тунелите, да ги потопи или на некој друг начин да ги уништи или „запечати“. Но, тоа би било тешко изводливо, посебно во услови во кои израелската војска стално би била на мета на стрелба во урбано опкружување и таквата операција би можела да потрае неколку месеци. „Па дури и во едно такво сценарио, кое би предизвикало незамислив број на човечки жртви, не е веројатно дека би била уништена комплетната мрежа на тунели во Појасот Газа“, вели Дафне Ричмонд-Барак.