Турција го повика германскиот амбасадор
3 февруари 2023Германскиот амбасадор е повикан во турското Министерство за надворешни работи. Покрај него, повикани се и дипломатските претставници на САД, Холандија, Шведска, Швајцарија, Велика Британија, Белгија, Франција и Италија, се вели од дипломатски кругови.
Повеќе дипломатски претставништва минатата недела предупредија од зголемен ризик од напади во Турција и на почетокот од оваа недела затворија дел од своите претставништва. Во позадината на предупредувањеѕо најверојатно е сквернавењето на Куранот во повеќе земји.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу им упати тешки обвинувања на странските амбасади. „Ако сакаат да креираат имиџ дека Турција е нестабилна и дека постои опасност од тероризам, тогаш тоа е неспоиво со пријателство и партнерство“, изјави Чавушоглу денеска (3.02). Според него, на Турцијане ѝ било соопштено од кого произлегува опасноста и кои места конкретно се загрозени.
Амбасадорите, како што рече Чавушоглу, во турското МНР биле „потсетени“ дека таков вид заеднички акции ѝ служат само на „подмолната агенда на терористичките организации“.
Претходно и турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу ги оцени предупредувањата како продукт на странски заговор.