Турските сили ликвидирале шеф на „Исламска држава“ во Сирија
1 мај 2023Осомничениот водач на џихадистичката милиција „Исламска држава“ (ИД или ИСИС), Абу ал-Хусаин ал-Хусаини ал-Курачи е убиен во саботата во Сирија во акција на турската тајна служба МИТ, соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телевизиско интервју, додавајќи дека турските тајни служби одамна ја следеле неговата трага.
ИД на крајот на ноември ја објави смртта на својот тогашен лидер Абу Хасан ал-Хашими ал-Курачи и истовремено назначувањето на Абу ал-Хусаин ал-Хусаини ал-Курачи за нов „калиф“.
Во извештај на дописник на новинската агенција АФП од северна Сирија се вели дека турската тајна служба и локалната воена полиција, која е поддржана од Анкара, во саботата опколиле подрачје во близина на градот Џиндирис во регионот Африн, оддалечено околу десет километри од турската граница. Сириски жители за АФП потврдиле дека била изведена акција во напуштена селска куќа, која некогаш служела како исламско училиште.
Од 2020 година Турција има стационирано војници во северна Сирија и со помош на сириски трупи контролира цели области. Турските воени акции главно се насочени против сириската курдска милиција ИПГ, но редовно се апсат и осомничени приврзаници на „Исламска држава“. Турската влада на терористичката милиција меѓу другото и` припишува соодговорност и за нападот на трговскиот центар Истиклал во Истанбул во 2016 година, во кој беа убиени четири лица, а 39 беа ранети.
„Исламска држава" во 2014 година под своја контрола стави големи делови на Сирија и Ирак, но под засилен воен притисок на коалиција предводена од САД, повторно ги загуби. На врвот на својата моќ, терористичката милиција презеде одговорност за серија смртоносни напади во Европа. Во 2019 година САД го објавија убиството на шефот на ИД, Абу Бакр ал-Багдади во воена операција извршена во северозападна Сирија.
Ќелии на „Исламска држава“ и натаму се активни во Сирија и во Ирак. Во средината на април борци на ИД убиле најмалку 41 лице во Сирија, главно сиромашни собирачи на ретки видови печурки кои и покрај опасноста, во потрага по заработувачка, одат во пустината каде се имаат засолнато џихадистите.