1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТВ дебатите - тивки убијци на седмата сила

3 ноември 2023

Новинарството во Македонија е исправено пред прашањето дали ќе има капацитети да држи чекор со политичкиот „бизнис“ или ќе се сведе на статист со ограничена употребна вредност. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4YLPf
дебата
Најчеста тема на дебатните емисии во Македонија е политикатаФотографија: Imago/Blickwinkel

Во недостиг на капацитети за сопствена продукција речиси сите телевизии во Македонија прибегнаа кон најевтиниот начин да ја создадат, а тоа се дебатните емисии чија тема најчесто е политиката. Нашата држава има мала јавна и општествена сцена, а емисиите ги има секој ден по неколку, така што се случува исти личности постојано да се вртат на тв-екраните пласирајќи свои мислења за најразлични теми. Овие мислења многу често немаат никаква врска со експертиза, туку се само нивни ставови. Ретки се соговорниците од кои може да се слушне нешто конструктивно или нешто што ќе ја одведе дискусијата напред. Најчесто се тоа рециклирања на прочитани Фејсбук-статуси, „анализи“ кои се блиску до народното мислење или одработување на партиски директиви за тоа која линија треба да се држи во дискусијата.

За волја на вистината, а треба и тоа веќе еднаш да си го признеме, во нашата земја нема многу ни новинари – полемичари, кои можат да ѝ дадат живост на дискусијата или да ја водат со знаење, умешност, и со издигнување над големата слика и држење професионална дистанца. Тоа се тие слабости и на двете страни кои водат кон здодевни дебатни емисии кои немаат капацитет да ги покренат општествените случувања или да ги размрдаат процесите, туку се прават со цел да се пополни времето.

Има и трет фактор, а тоа е што политичката и бизнис сцената ни е сиромашна со асови, кралеви и кралици на зборот кои можат да ги заведат гледачите и да ги остават заинтересирани еден час или час и половина додека трае емисијата. Едноставно гледаме луѓе кои едвај сврзуваат логични реченици, говорат на колоквијален јазик, без чувство за политика, без јасна политичка мисла и теза, а немаме ниту многу новинари кои се дораснати на дебати во живо, кои во светот на пример се врв во новинарството и не може секој да ги работи. Затоа во светот од милиони новинари, ќе најдете само десетина со светска популарност, а и на локално ниво многу малку новинари успеваат да се пробијат до врвот.  

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Дебати или пополнување време?  

Во Македонија одамна не е никаков проблем да добиеш микрофон в раце и да се истопориш пред претседател или премиер најчесто да го прашаш за нешто што рекол неговиот политички противник. Односно, во Македонија, за жал, новинарството се сведе на пренесување пораки од еден на друг политички лидер, ред сеир, ред кавга, а за елоквентноста и разбирањето на политичките процеси подобро и да не зборуваме. Не е проблем ниту како новинар јуниор да добиеш цело студио на располагање и да викнеш гости. Многупати сме сведоци на дебатни емисии во кои новинарот е задоволен ако дојде до ситуација да се конфронтираат гостите. Тоа за новинарите е исполнување на целта на дебатата.

Деновиве бевме сведоци на преседан – гостинот да биде избркан од студиото од директорот на телевизијата и тоа по телефон. Којзнае што ќе се случеше ако директорот се наоѓал на работното место во телевизијата и влеташе во студиото разјарен како што беше поради дискусијата на еден од гостите. Можеби ќе дојдеше и до тепачка, бидејќи и гостинот не покажа трпеливост и култура да се воздржи од контранапад врз директорот. Реакцијата на директорот е неприфатлива и не е во согласност со амбиентот што се гради во Македонија не само во однос на слободата на говорот и на медиумите, туку и во поглед на меѓуетничките односи кои беа повод за упадот на директорот. 

Од овој случај без преседан може да се извлечат две важни поуки. Првата е дека слободата на говорот, мислата и на медиумите не е еднаш засекогаш дадена, туку треба постојано да се одржува, штити и унапредува. Втората поука е дека никогаш не можеме да речеме дека меѓуетничките односи во нашата држава се на највисоко ниво, затоа што тие се такви какви што ние ги градиме и треба постојано да се работи на нивно одржување и артикулирање не само преку давање на работни места, туку и преку еманципација на етничките заедници да се прифатат една со друга, меѓусебно да си ги прифатат слабостите и стравовите. Епизодата што ја видовме на телевизијата укажува на меѓуетничка нетрпеливост обландирана со големи зборови за пријателство и наклонетост, а всушност е израз на најголемо непријателство. 

Камшикот на Груевски 

Најпоразително од сѐ е што медиумскиот бизнис во Македонија, со мали исклучоци, не ѝ служи на јавноста, туку на интересите на газдите. Таа опасност постои секаде, па дури и во најдемократските земји, и затоа секоја држава отвора, чува, негува и унапредува државен информациски сервис кој треба да биде во служба на граѓаните. Но како и за сѐ друго, кај нас и државниот сервис е најчесто инфициран од политичките партии, а во моменталниот случај владејачката партија СДСМ поради големата одговорност што постои за реформирање и одржување на овој сервис, реши да го игнорира и да го остави на милост и немилост на политички лоби групи.

Влошената политичка ситуација во Македонија и длабокиот антагонизам меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат кон амбиент во кој сѐ почесто ќе гледаме такви инциденти како оној што се случи пред некој ден на приватната телевизија со национална концесија. Веќе нема слободен политичар кој ќе го зборува тоа што мисли, туку на сите политичари од партиските штабови им се кажува што да зборуваат, ги обучуваат како да „убиваат“ дебати, како да дефокусираат од важни прашања, како да го провоцираат политичкиот противник, како да му крадат време на новинарот и да го неутрализираат или замолчат.

Во такви услови потребни се и силни новинари кои можат да парираат на овие човечки „роботи“ наоружани со сите возможни ПР-техники. ПР-индустријата е во голема експанзија, а нашите политичари даваат огромни пари за да ја применат и да ја држат во своја служба. Овие процеси се длабоко зад завесите на јавноста и на медиумите, но деноноќно работат на доминација врз јавната сфера и зафаќање на целиот простор. Еве, со одлука на парламентот и европското знаменце вчера (2.11.2023) оживеа и државното спонзорство во медиумите преку таканареченото финансирање на државни кампањи во телевизиите, или попознато како камшикот на Груевски во медиумите. 

Политиката и новинарството се во војна откога постојат. Сепак, државите со развиена демократија и свест за улогата на медиумите, се трудат барем јавно да не ја преминат црвената линија против новинарството. Кај нас како повторно да се гази на црвената линија. Главното прашање е дали новинарството со сите субјективни и објективни слабости ќе има капацитети да држи чекор со политичкиот „бизнис“ во кој се вртат незамисливи суми пари, моќ и влијание, или ќе се сведе на статист во општеството со ограничена употребна вредност.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи