Убиени деца во училиште во Нешвил: Ова е болно
28 март 2023„Познато ни е дека била вооружена со најмалку две полуавтоматски пушки и рачно огнено оружје“, изјави Дон Арон, претставник на полицијата во Нешвил, во американската сојузна држава Тенеси, за осомничената напаѓачка. Станува збор за 28 годишна жена и трансродова личност, идентификувана како Одри Хол, која што според првичните сознанија и самата била ученичка во тоа училиште.
Полицијата пристигнала во училиштето претпладнето по локално време по примен повик за помош. „На вториот кат полицајците ја откриле вооружената жена, која продолжила да пука. Таа е застрелана од страна на полицијата“, изјави Арон.
Целата трагедија не траела ни петнаесет минути. Трите убиени деца се на возраст меѓу осум и девет години, а возрасните - меѓу 60 и 61 година, една од убиените очигледно е директорката на училиштето.
За време на нападот, на една од наставничките и` успеало да ја повика телефонски својата ќерка. „Ми рече дека се сокрила во еден шкаф и дека насекаде се слушаат истрели“, сведочи ќерката Евјери Мирик за локален медиум.
Мотивот на напаѓачката не е јасен, но можно е да чувствувала гнев кон училиштето. При претресот во нејзината куќа е откриен „манифест“, како и план за напад на други објекти, што укажува на одамна планирано дело.
Во основното училиште, кое е приватна христијанска институција, учат деца од прво до шесто одделение, а во негов склоп постои и детска градинка. Според локалниот весник „Тенеси“, училиштето го посетувааат околу 200 деца.
Американскиот претседател Џо Бајден, по училишниот масакр го повтори барањето за забрана на полуавтоматско оружје.
„Мораме да направиме нешто повеќе за да го запреме ова оружано насилство“, истакна Бајден, повикувајќи го Конгресот да го усвои неговиот предлог за заострување на правото на носење оружје.
„Насилството со оружје ги погодува нашите општини и ја раскинува душата на нацијата. Ова е болно“, потенцираше претседателот.
За да издејствуваат построги закони за оружје, Демократите на претседателот Бајден се зависни од подготвеноста за соработка на Републиканците во Конгресот, а таа за оваа тема не е на повидок. Во САД има повеќе парчиња оружје отколку што има жители. Според специјализираната веб страница Архив на насилство со оружје, лани од огнено оружје настрадале 20.000 луѓе, не вбројувајќи ги самоубиствата.
Ни американските училишта одамна не се безбедни места, само ланската година се регистрирани 303 инциденти во кои е пукано во училишта, оваа година ги има веќе 89.