Укинување на ДДВ или поригорозни казни за високите цени?
5 ноември 2024Во вакуум просторот којшто се создаде меѓу есенската и новогодишната потрошувачка кошница којашто ја најави Владата, партиите нудат различни решенија со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните. Укинување на ДДВ за основните производи или поригорозни казни за трговците коишто енормно ќе ги зголемат цените - се двата различни концепти коишто ги нудат опозицијата и власта со цел да се олесни животот на граѓаните и да се заузда ценовниот шок.
Опозициската СДСМ до Собранието достави предлог измени за укинување на ДДВ за сите основни прехранбени производи и ги повика сите пратеници да го прифатат ваквото решение. Од ВМРО-ДПМНЕ експресно ги одбија. Нивниот аргумент е дека ваквото законско решение нема да придонесе за зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, туку дека станува збор за дневно политички теми.
„За“ и „против“
Но, од опозициската партија се децидни дека со ваквиот предлог граѓаните ќе имаат месечна заштеда од 1.200 до 2.000 денари. „Во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се предвидува укинување на ДДВ за прехранбените производи, односно од 5 отсто на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана. Во предлогот се опфатени над 250 категории производи кои ќе бидат со нула проценти ДДВ“, порача во понеделникот (04.11) лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, вели дека оваа мерка на СДСМ нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата. Таа ја повика пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да не води политички инает и да го прифати нивното решение.
Партијата претходно поднесе и закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но и тоа беше одбиено од владината коалиција со образложение дека нема фискални импликации.
Незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ се базира на тоа што владата на СДСМ четирипати одбила такво законско решение. „Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2.000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот“, реагираше пратеникот Бојан Стојановски.
Опозицијата, пак, критикува дека владините политики ги оставија граѓаните со сè помали буџети за кои основните прехранбени производи станаа луксуз, а мерките за нивно поевтинување се сведоа на празни налепници и неефикасна ПР-кампања. „По еден месец, владината мерка за наводно поевтини основни прехранбени производи, се покажа како целосно неефикасна“, смета Филипче.
Поригорозни казни
На 31 октомври заврши есенската потрошувачка кошничка со која со одлука на Владата беше ограничената профитната маржа на 73 основни прехранбени производи. Од Владата најавија дека доколку повторно има зголемување на цените на прехранбените производи, ќе бидат преземени поригорозни казни.
Во наредниот период се најавуваат и новогодишна, божиќна, рамазанска, велигденска кошничка со ограничено времетраење од 15 до 30 дена. Дополнително намалување на цените се очекува со стапувањето на сила на Законот за нефер трговски практики.
Министерот за економија Бесар Дурмиши на 1 ноември информираше дека со есенската потрошувачка кошничка посочи дека со оваа мерка граѓаните заштедиле до 1.360 денари.
Според податоците на ССМ, вредноста на минимална кошница за октомври изнесува 61.249 денари и таа, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец септември 2024 година која изнесува 61.306 денари, е намалена за 57 денари. Според ССМ, мерката на Владата за ограничување на висината на маржите дала дел од посакуваниот резултат, но поради алчноста за профит, трговците кога разбраа за намерата на Владата за ограничување на маржите, ги зголемија цените на сите производи.