Украина: Дали во Европа почнува промена на стратегијата?
7 февруари 2024Повеќе високи по ранг воени лица во НАТО во јануари речиси истовремено предупредија – Алијансата мора да се подготви за конфликт со Русија.
„Мора да сме начисто дека нашиот живот во мир не е разбирлив сам по себе“, предупреди холандскиот адмирал и претседател на Воената комисија на НАТО, Роб Бауер.
Ерик Кристоферсен, командант на норвешката војска, во пресрет на двегодишнината од руската инвазија во Украина, истакна дека „останува временска рамка од можеби две до три години во која треба да инвестираме многу повеќе во сигурна одбрана". Во соседна Шведска главниот командант Микаел Биден ги повика своите сонародници и политиката „да преминат од зборови на дела“.
Апел на војската до политиката
Експертите во ова гледаат апел на војските до политиката во Европа за промена на стратегијата во конфликтот со Русија. Надежите во брз крај на војната во Украина со помош на западни достави на оружје на една страна и санкции против руската воена економија на друга, не се остварија, вели германскиот безбедносен експерт Нико Ланге во разговор со Дојче веле.
Она што ги загрижува воените лица и аналитичарите е пред сѐ недостигот на муниција, нови воени орудија и состојбата на производните капацитети во Европа.
Тука потенцијалот за воено одвратување на НАТО е тесно поврзан со испораките во Украина. ЕУ лани вети на Украина до март да ѝ испорача еден милион проектили, но планот не успеа. Од аспект на познавачот на ситуацијата во Украина и во Русија, Нико Ланге, на пример германската влада предоцна им даде гаранции на производителите. Притоа, потребата е висока не само во Украина, туку и во испразнетите воени магацини на членките на НАТО.
Инвестиции во дронови, муниција, воени авиони
НАТО во најлош случај има време од само пет години за да се вооружа во размер што ќе значи висок и успешен потенцијал на одвраќање од потенцијален напад од страна на Русија врз подрачје на Алијансата. Тоа уште на крајот на 2023 година го истакна Кристијан Мелинг, раководител на Центарот за безбедност во Германското друштво за надворешна политика, во анализа која наиде на голем одек.
Густав Гресел од европскиот тинк-тенк Европски центар за надворешни односи во актуелна анализа напиша: „Западот, а посебно Европа, мора да ги преработат своите финансиски прописи и да создадат радикални поволности за производство на дронови, муниција, оклопни возила.“
Гресел смета дека е завршена стратегијата Украина да се снабдува со на војниците познато оружје од советска продукција од складиштата на државите во источна Европа – тие се веќе испразнети. Индустријата за оружје мора да проработи со полна пареа, за Украина и за НАТО државите.
Тактички повлекувања на Украина од веќе ослободени подрачја?
Воени претставници исто како и аналитичари во оваа втора воена зима во Украина укажуваат првенствено на подреденоста на украинските војници во однос на Русија во артилериската борба. Москва очигледно „дупките“ може да ги пополнува со испораки од Северна Кореја, додека Украина мора да ги штеди проектилите. Односот засега е една украинска граната наспроти пет руски проектили, вели аналитичарот Михаел Кофман од американскиот Центар за поморски анализи. Попесимистички аналитичари поаѓаат од уште подрастичен сооднос – еден наспрема десет.
Кофман смета за можно дека Украинците по должина на источниот фронт ќе мора да се повлечат од градот Авдијивка. И кај градот Купјанск, малку посеверно, се заканува голем руски напад.
Со тоа станува видно дека колебањата и задоцнетото испорачување на муниција и воена опрема во изминатите две години сега води до тоа Украина да мора да се повлекува од веќе ослободени области, вели Кристијан Мелинг.
Но, кратко пред Минхенската безбедносна конференција во средината на февруари, кога ќе се соберат бројни западни воени експерти , експертот Нико Ланге смета дека доаѓа до промена на стратегијата. Таа е условена од воената ситуација во Украина и анализите на воените западни команданти, кои во вид ја имаат потребата од оружје и на нивните војски.
Важна е „долгорочна структурна изградба на украинската војска, кон што сега се концентрираме“, изјави неодамна германскиот генерал-мајор Кристијан Фројдинг.
И навистина, украинските војници постигнуваат успеси против руската превласт, со целни воздушни напади врз руски радарски постројки, воени бази и складишта за снабдување на Крим и во јужна Украина.
„Решавачки се беспилотните летала, како дронови, заедно со останатите напредни оружени системи, за Украина да биде во најдобра можност да не биде вовлечена во фронтовска војна, во која ние не сме во предност“, напиша неодамна украинскиот командант на војската Валери Залужни во анализа за Си-Ен-Ен. За преку 50 нации-поддржувачки на Украина, предводени од САД, тоа значи испорака на сѐ повеќе модерно оружје.
САД на Украина од почетокот на февруари ѝ испорачуваат т.н. ГЛСДБ прецизни бомби со досег од 150 километри, со што може да биде погодена главната снабдувачка сообраќајница на руската армија на брегот меѓу Крим и градот Мариупол. Тоа го потврдува и аналитичарот Нико Ланге, повикувајќи се на безбедносни извори.
Киев веќе две години моли за прецизно оружје. За Украина во моментов се случуваат неколку работи во вистински правец, вели Ланге. Дали промената на стратегијата, на која инсистираат западни и украински воени стратези, ќе биде овозможена од политиката во Европа, која мора да обезбеди финансирање на испораките за Украина на подолг рок, исто како и засилување на производството на оружје, ќе треба да видиме, вели Ланге.