1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украинската војска јавува за напредоци

ЖА /РТР
9 септември 2022

Украинскиот претседател Зеленски тврди дека е ослободна територија од 1000 квадратни километри. Руската војска, според Киев, била истисната од Балаклија.

https://p.dw.com/p/4Gd3Z
Ukraine-Krieg | Kämpfe in der Region Cherson
Фотографија: GENYA SAVILOV/AFP/Getty Images

Украина тврди дека во рамките на нејзината контраофанзива, успеала да поврати значителни натамошни окупирани територии во јужниот и источниот дел од земјата. Украинската војска утрово соопшти дека во близина на градот Харков во источниот дел, руските трупи се обидуваат да ги повлечат своите ранети војници и оштетената воена опрема, тоа се случува кај селата Вилчуватка и Бородојарске.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно видео обраќање изјави дека  украинската армија  ослободила „десетици места“ и територија од преку 1000 квадратни километри од први септември досега.

Зеленски објави видео во кое украинските војници јавуваат за нивно преземање на контролата врз стратешки важниот источен град Балаклија и потиснување на руските трупи. Градот со околу 27.000 жители се наоѓа меѓу градот Харков и од Русите окупираниот Исјум, каде постои важен железнички јазол, клучен за снабдување со материјали и оружје на руската војска.

Витали Ганчев, раководител на руската инсталирана воена управа во областа на Харков, за руската државна телевизија пак изјави дека обидот на украинските трупи за опколување и освојување на Балаклија е одбиен, градот и натаму е во рацете на руските трупи. Не постои независен извор за проверка на овие наводи.

Претходно украинскиот бригаден генерал Олексиј Громов излезе со информација дека украинските единици продреле 50 километри зад руските линии и успеале да повратат повеќе од 20 села во регионот Харков, каде украинските трупи оваа недела ненадејно започнаа  контраофанзива.  Украинците со недели атакуваат во јужниот дел, во регионот на Херсон,  кој се наоѓа наспроти  полуостровот Крим,  окупиран од Русија во 2014 година.

Доколку се точни информациите за украинските напредоци на теренот, и доколу успеат да ја зачуваат повратената територија, тоа би бил голем удар за руската војска, која ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари и според сознанија на западните тајни служби, бележи енормни загуби. За Украина пак тоа би бил значаен поттик, раководството во Киев сака да им докаже на своите поддржувачи способност да го сврти листот во војната и да го потврди дејството на меѓународната помош.

Блинкен: „Гледаме вистнски напредоци на теренот"

Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен, на заминување од својата вчерашна ненајавена посета на Киев, исто така зборуваше за напредоци во украинската контраофанзива. „Уште е рано, но на терен гледаме јасни и вистински напредоци, посебно кај Херсон, но и интересен развој во Донбас во источниот дел“, изјави Блинкен, ветувајќи ѝ на Украина американска поддршка „сѐ додека трае војната“. 

Американскиот министер најави нов пакет помош од 2,2 милијарди долари за Украина и 18 други земји, кои влегуваат во групата на оние кои се чувствуваат загрозени од руска агресија. Околу една милијарда ќе добие Украина, како и оружје во вредност од 675 милиони долари.