Универзална сала заслужи едноминутно молчење и едно здружено „уа“ од граѓаните кон своите политички претставници кои во изминатите десет и кусур години ја користеа само како своја ПР разгледница за да покажат дека противникот не го бива ама тие ќе ѝ го вратат сјајот. И вистина, во вторникот (08.04.2024) Универзална сала сјаеше во полн сјај но не поради обновената архитектура туку од пожарот кој беснееше внатре зафаќајќи ја и новата купола која од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска беше означена како почетокот на новиот живот на објектот. Куполата која беше поставена кон крајот на март требаше да го симболизира новиот почеток на грандиозното културно здание кое со децении беше белег на македонската метропола.
„Ја крунисавме Универзална сала со поставување нова покривна купола. Во тек е реконструкцијата на препознатливиот елемент на мултимедијалниот објект, симболот на солидарно Скопје. Со замена на старата купола непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието“, гордо објави тогаш министерката.
Денес, кога по пожарот, од куполата остана само металната конструкција со право си го поставуваме прашањето дали тоа е крајот или почетокот на Универзалната сала. Затоа што од првата вест дека објектот ќе засвети со нов сјај поминаа 11 години, а политичките игри и неспособноста на владите и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, заедно со градоначалниците на Скопје во чија надлежност е овој културно – уметнички споменик, ја уништија неговата некогашна велелепност.
Пожарот во Универзалната сала кој се случи среде изборната кампања, ќе ги разгори повторно меѓусебните обвинувања за тоа кој е виновен за деценискиот срам со овој значаен објект кој е пуштен во употреба во 1966 година и оттогаш е дел од идентитетот на градот. Објектот е монтажен и е правен според нацрт на идентичната зграда на Националниот циркус од Софија изграден во 1962 година, а како урнек била земена зградата на циркусот во Копенхаген за која се вели, пак, дека користела архитектонски решенија од Пантеонот во Рим.
Мрачната политичка хроника
Како и да е, нашата Универзална сала влегува во мрачната политичка хроника на 4 декември 2013 година, кога тогашната министерка Елизабета Канческа Милевска и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски гордо објавија дека Универзална сала ќе се урива од темел и ќе се гради нова концертна сала која ќе биде во форма на јајце, ќе има голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала сала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Основниот проект за нова Универзална сала, кој во 2015 година го изработи Архи Груп План А, чинеше 400 илјади евра. Но, откако се утврди дека изградбата би била прескапа, тогашната власт за помалку од една година се пишмани и најави дека ќе го реконструира постојниот објект. Проектот за реконструкција кој го изработи Градежен институт Македонија овојпат чинеше нови 200 илјади евра, а реконструкцијата требаше да чини околу 15 милиони евра.
„Имавме долги состаноци и комуникација со проектантската куќа но се увиде дека нов објект согласно конкурсното решение доста чини во споредба со реконструкцијата на постоечкиот објект чија првична сума е седум милиони евра, а со проектирањето на ентериерите и сценската технологија се очекува да чини максимум до 15 милиони евра. Навистина има голема разлика и сметавме дека оваа сума на новиот објект за изградба на Универзална сала со чинење од 60 до 65 милиони евра е економски неоправдано," рече тогаш министерката Канческа Милевска.
И тие најави останаа без дела. Потоа дојде нова власт, со нови планови.
Градоначалникот Петре Шилегов уште во предизборната програма во 2017 година ветуваше изградба на салата. Тој и тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски на 15 мај 2018 година потпишаа договор дека во 2019 ќе почнат да ја реновираат Универзална сала.
„Постојат три проекти за Универзалната сала меѓу кои што дел се неразработени, дел се изведени надвор од каква било постапка и процедура и за нив не се обезбедени финансиски средства. Заради последниот проект кој не се знае од кого е нарачан, Универзална сала е во тешка финансиска состојба, должи 200.000 евра и нема средства за да го плати. Ги доразработуваме проектите да го најдеме оптималното решение за изградба на салата. Откако ќе биде завршен градежниот проект ќе се знае колку ќе чини“, рече Шилегов.
Падна Шилегов, дојде Арсовска...
Резултатот и од тие планови го знаеме сите, а следната година следуваше и нова изјава.
„Во Градот Скопје постојат два смешни проекти, едниот е она „јајце“ проект, што мислам дека беше дури и предмет на исмејување на нормалниот, демократскиот дел од јавноста и проектот проширување на постојната Универзална сала што чини околу 17 милиони евра, но ниту ќе го зголеми капацитетот, ниту ќе го зголеми квалитетот на Универзалната сала“, рече Шилегов на 16 декември 2019.
Беше јасно дека Универзална сала се сели во политички води. Падна Шилегов, дојде новата градоначалничка Данела Арсовска а Универзална сала се најде на нова политичка ветрометнина со меѓусебни обвинувања кој е виновен за нереконструираниот објект во кој некогаш настапуваа музички ѕвезди од најголем калибар од регионот и од светот.
Во септември 2023 Владата ја презеде Универзална сала од Град Скопје, откако иницијативата на советниците на СДСМ беше изгласана на седница на Советот со мнозинство гласови. Оваа одлука значи дека Министерството за култура ќе продолжи со реконструкција, доградба и надградба на репрезентативниот објект по што повторно ќе го врати под надлежност на Град Скопје. Без сомнение, ако државата сака достојно да го претстави Скопје во 2028 како европска престолнина на културата, Универзалната сала треба до тогаш да заблеска во полн сјај.
Но додека тоа да се случи, треба прво отворено да се признае дека Универзална сала, со која Скопје аплицираше и во септември 2023 ја доби наградата „европска престолнина на културата во 2028 година", стана симбол на негрижата, јавашлакот и бизнис интересите на партиите.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.