1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставниот суд го „одбрани“ Преспанскиот договор

ДТЗ
21 септември 2023

Уставниот суд едногласно одлучи да не ја оценува уставноста на Законот за ратификација на Преспанскиот договор, информираше претседателката Добрила Кацарска.

https://p.dw.com/p/4WeD9
Добрила Кацарска
Уставниот суд едногласно одлучи да не поведе постапка за иницијативите поднесени за Преспанскиот договорФотографија: Petr Stojanovski/DW

Уставниот суд едногласно одлучи да не поведе постапка по неколкуте иницијативи поднесени за Преспанскиот договор. Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, на прес-конференција информираше дека не е поведена постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на конечната спогодба за решавање на разликите во резолуциите 817 (1993) и 848 (1993) на Советот на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување Стратешко партнерство меѓу странките.

„Судот одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на указот со кој е прогласен овој закон, како и иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акти  и нивната усогласеност со член 3 од Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори и Виенската конвенција за договорно право“, изјави Кацарска.

Уставниот суд оценил дека Законот за ратификација на договорот е во согласност со Уставот, што значи останува дел од правниот поредок на државата. „Уставниот суд цени дека Указот не содржи правни норми. Не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува Закон, Указот не се укинува посебно“, образложи Кацарска. 

Дилеми околу непотпишувањето на указот

Најголемиот дел од дискусијата се однесуваше на непотпишувањето на указот од страна на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов и за неговата должност согласно членот 75 став 3 од Уставот да го потпише Указот. 

„Во поширок контекст во духот на Уставот и неговата примена, волјата на пратениците се персонифицира со волјата на граѓаните, наспроти волјата на само еден човек, бидејќи системот на владеењето на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија. Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат подеднакво за сите, па дури и за претседателот на Републиката кој согласно член 51, став 2 од Уставот е должен истите да ги почитува“, нагласи Кацарска. 

Ѓорге Иванов
Ѓорге Иванов во 2018 година донесе одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на спогодбата со Грција и за тоа го извести Собранието. Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Има ли рокови?

Предмет на анализа беше и рокот на објавување на Указот. „Неспорно е дека претседателот треба да го потпише Указот во рок од седум дена кога првпат му се доставува законот чиј што рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собрание, а потоа тој е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде што навистина не е пропишан рок за повторно доставување на Законот, односно потпишување на повторно доставен закон“, вели Кацарска. 

Според неа, треба да се цени и фактот дека овој договор се доставува и до организацијата на ОН и потпишан е и од посредник во својство на сведок, Метју Нимиц. „Закон може да се прогласи само еднаш, а во конкретниот случај истиот е прогласен. Уставот ја остварил целта Законот е прогласен“, рече претседателката на Уставниот суд.

Судот не навлегува во содржината на меѓународниот договор дури да се укине или поништи законот за ратификација на договорот во конкретниот случај - Преспански договор, а и секој останат меѓународен договор, истиот останува во сила и произведува меѓународна правна обврска за државата сѐ додека не се измени, раскине или поништи.  

Зоран Заев, Алексис Ципрас, Никола Димитров и Никос Коѕијас
Зоран Заев, Алексис Ципрас, Никола Димитров и Никос Коѕијас по потпишувањето на Преспанскиот договорФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Подносители на инцијативите за оценувањето на уставноста на горенаведените Закони се Тодор Петров, претседател на Светски Македонски Конгрес, Ивица Ефремов и Ангеловски Стив од Битола, Солза Грчева,Томе Тодоровски. Тие тврдеа дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба не е потпишан од претседателот, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот. Според нив, оспорените акти го нарушуваат владеењето на правото. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи