Како и сѐ друго така и уставните измени влегоа во изборните математики во нашата земја. Веќе е извесно дека дури и датумот за одржување на парламентарните и претседателските избори идната година ќе зависат од тоа како ќе се развиваат настаните за уставните измени. Владејачката партија СДСМ полага голема надеж во позитивен исход односно донесување на уставните измени, сметајќи дека тоа ќе им ги поправи шансите на изборите, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ игра на картата дека одбивањето да гласа за уставните измени ќе им донесе некој пратеник повеќе во сѐ поизвесната победа.
Копјата се вкрстени и околу стратегијата на СДСМ да се одржат посебно претседателските и парламентарните избори со очекување дека здружени со ДУИ можат да однесат победа на претседателските и така да добијат ветер во грб за парламентарните избори во јули. ВМРО-ДПМНЕ пак, очекува блиц-криг, спојување на изборите и апсолутна победа која ќе им обезбеди одврзани раце на сите полиња, политичка доминација во законодавната извршната и претседателската власт.
Но ниту едната од овие партии не го земаат предвид најважниот изборен и политички фактор, кој е единствена и прва сила на теренот – граѓаните односно избирачите кои ќе се појават на избирачките места за да го извршат трансферот на моќта – или во рацете на досегашните властодршци или кај досегашната опозиција. Граѓанското незадоволство е огромно. Но не поради тоа дали ќе бидат донесени уставните измени како што калкулира СДСМ, туку поради влошениот животен стандард, уништеното право, ослободување на извршители на криминал и вмешани политичари во корупција, непочитувањето на законот, неефикасен здравствен систем, уништено образование и отровната атмосфера која владее во државата поради секојдневното меѓусебно обвинување на власта и опозицијата кој е поголем криминалец.
Во изминатите шест години ниту еднаш не слушнавме судир на мислења меѓу власта и опозицијата за проекти, за изнаоѓање алтернативни извори на енергија, за чистата животна средина, за поквалитетно здравство, за образование кое ќе биде на пиедестал или за ефикасно и објективно судство. Цело време слушавме кој колку пари украл, а ниту еден крадец не е фатен, а и оние што мислевме дека ги фатија и ќе сносат последици, станаа слободни граѓани давајќи пример дека злоупотребите, корупцијата и криминалот се поисплатливи во животот отколку чесноста и лојалноста кон заедницата.
За правда или против правда
Веќе стана здодевно да се повторува дека во таква атмосфера на меѓусебен линч и држава која наместо кон демократија натежнува кон анархија, во која не владеат законите, туку политичките поглавици, нема услови за конструктивна политика, а уште помалку за комплициран зафат како што е промена на Уставот по барање на соседна земја која континуирано се однесува непријателски кон нас.
Што очекуваат двата главни политички фактори во државата во следниот период?
Првата задача веќе ја исполнија, функционерите од сегашната власт нема да бидат кривично гонети откако ќе преминат во опозиција. Барем такви се нивните очекувања откако го сменија Кривичниот закон, а и оние што ќе бидат гонети ќе завршат со благи казни. Куртулија и звучните имиња кои изминатите години ги гледавме во судот или пред судот, а некои и во затвор. Такво профитирање врз грбот на правдата не е забележано во досегашната историја на Македонија.
Меѓутоа од друга страна, стратегија за смена на законот со цел да се избегне идно кривично гонење, има мала слабост а тоа е новиот Кривичен законик кој треба да биде донесен во следните месеци а кој предвидува да ги врати старите затворски казни и кривични дела кои властодршците ги избришаа или ги корегираа за да се спасат од иден прогон. Ако смее да се прогнозира, властите ќе интервенираат со амандмани кон новиот текст на законот за да дојдат до посакуваните законски решенија. Во спротивно ќе значи дека попусто ги направија измените кои им го срушија и без тоа нискиот рејтинг кај јавноста.
Ќе биде интересно како ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува кон новиот закон кога ќе пристигне на гласање во парламентот. Дали, како и при измените, ќе ја свртат главата на друга страна или пак ќе влезат во суштинска расправа. Тоа ќе биде и првиот сигнал какви би биле ВМРО-ДПМНЕ во случај да дојдат на власт. Дали правдата ќе им биде важна или повторно како и при претходното нивно владеење ќе бидат и судии и обвинители и адвокати.
Кој го урна рејтингот на Владата
Вториот важен сигнал ќе бидат двата закони што ги најавува Владата едниот за платите на избраните и именувани функционери и вториот за платите на пратениците. Зголемувањето за 78 проценти на платите на функционерите во услови кога граѓаните мака мачат како да го преживеат месецот, беше најголемиот удар што власта си го на нанесе и се портретираше во очите на јавноста како себична и алчна, која ги игнорира економските параметри и влошениот животен стандард на населението.
ВМРО-ДПМНЕ ќе има шанса да покаже на дело дали е навистина за сразмерен однос меѓу функционерските и граѓанските плати или како и при зголемувањето од 78 отсто ќе настапи со млака реакција бидејќи од скокот на платите се офајдија и тие како пратеници а и сите градоначалници кои се од нивните партиски редови.
Во една таква агенда уставните измени ќе бидат посакувана точка на дневен ред само од надворешните фактори како што се високите политички претставници на ЕУ или САД, бидејќи во Македонија веќе се загрева изборната атмосфера, која ќе ја диктира и динамиката во парламентот. Во прилог на таквата прогноза е и што за првата фаза од уставните измени преостанува само да се изврши гласањето бидејќи прелиминарните дискусии беа заклучени откако опозицијата реши да не се вклучи посериозно во расправата. Оттука и да има некакви дискусии тие би се одвивале зад сцената односно во пакет со договарањето на изборите бидејќи меѓународната заедница и натаму гледа шанса за договор со Мицкоски преку пазарење за изборните датуми.
ВМРО-ДПМНЕ го фати „народниот“ бран
Ако се земат предвид изборите за европски парламент и ново раководство на ЕУ следниот јуни и јули 2024, тогаш логично е од Брисел да дојде притисок да се забрзаат изборите во Македонија со надеж дека може да го убедат Мицкоски како шеф на опозиција или како премиер за да имаат некаков резултат пред врвот на ЕУ да замине од функциите. Во спротивно ако се запази редовниот календар во Македонија парламентарните избори ќе се одржат во јули, кога ќе се конституира и новото раководство на ЕУ по нивните избори во јуни. Овој судир на календарите несомнено не им одговара на првенците во Брисел доколку и натаму останат на заложбите да ја вратат Македонија на ЕУ патеката и со тоа да го расчистат теренот во Западен Балкан од можни руски влијанија. Оттука најавената посета на Урсула фон дер Лајен може да се сфати и како обид да го смени текот на настаните преку влијание врз изборните датуми.
Тоа значи дека уставните измени се дел од изборните математики не само дома туку и во Брисел кој се покажа позаинтересиран Македонија да го продолжи својот европски пат отколку овдешната јавност. Но огромните слабости што ги покажа Владата на Ковачевски практично ги одвратија граѓаните од размислување за ЕУ бидејќи се покажа дека имаат поважни грижи: како да го преживеат денот со ниските плати и како да го одржат својот дух во напливот на беззаконието кое настапи и грижата на елитите само за својот интерес. Опозицијата успешно јавна на тој бран претставувајќи се како народен бранител и бранител на националните интереси. Меѓутоа националните интереси се сѐ позагрозени поради растечките поделби во Македонија и опасноста Македонците, ако им избега и овој европски воз, да продолжат да земаат бугарски државјанства, а Албанците да земаат албански бидејќи Албанија си создаде поголеми шанси да влезе во ЕУ пред нашата земја.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.