1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вархеји не очекува промена на Преговарачката рамка за Скопје

ДТЗ
8 април 2024

Еврокомесарот разговараше со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија. Бугарија го чека исходот од изборите во Северна Македонија и исполнувањето на обврската за внесување на Бугарите во Уставот

https://p.dw.com/p/4eXm4
Оливер Вархеји
Вархеји не очекува промена на Преговарачката рамка за МакедонијаФотографија: EU/Gent Shkullaku

Бугарија го чека исходот од изборите во Северна Македонија и исполнувањето на обврската за внесување на Бугарите во Уставотсо што ќе се отвори патот за напредок кон ЕУ. Ваква порака бугарскиот претседател Румен Радев му пренел на еврокомесарот за проширување и соседски прашања Оливер Вархеји кој е во посета на Софија. 

Вархеји вели дека не очекува промена во Преговарачката рамка за Северна Македонија. „Критериумите за членство на Северна Македонија во Европската Унија се многу јасни. Не очекувам некаква промена во Преговарачката рамка. Не мислам дека земјите - членки сакаат да ги ревидираат условите“, порача еврокомесарот во интервју за бугарската агенција БГНЕС.

Критериумите се јасни

Вархеји, кој учествува на форумот „Европската унија се среќава со Балканот“ во Бугарија, вели дека критериумите се многу јасни од 2022 година кога беше усвоена Рамката за преговори. „Тие мора да се исполнат и во оваа смисла не очекувам некаква промена. Не мислам дека земјите-членки ќе сакаат да ревидираат некој од условите. Јасно е дека тие мора да се исполнат. Се надевам дека веднаш по изборите новата влада во Северна Македонија ќе ја преземе оваа работа и ќе продолжиме со исполнување на критериумите“, додава Вархеји.

Тој разговараше за европската интеграција на Западен Балкан со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија. 

„Проширувањето на ЕУ треба да се заснова на јасни принципи, земајќи ги предвид сопствените заслуги на секоја земја во процесот на интеграција. Усогласеноста со овој принцип е гаранција за одржување на стабилноста и безбедноста во Европа“, изјавил Радев на средбата со Вархеји.

„Да се исполни европската обврска до крај“

Како што пренесуваат бугарските медиуми, Радев посочил дека евроинтеграциите на Западен Балкан немаат алтернатива и напредокот на земјите од регионот не треба да биде надвор од фокусот на европските институции.

Радев изразил очекување дека по завршувањето на изборната кампања во Северна Македонија и одржувањето на изборите, политичката ситуација ќе овозможи целосно спроведување на европската одлука од јули 2022 година, што е неизбежен елемент на патот на Скопје кон ЕУ.

„Изјавите на водечките политички личности во РСМ, дадени за време на кампањата од провокативен карактер, не помагаат да се зајакне дијалогот меѓу нашите две земји“, порачал шефот на бугарската држава. Радев истакнал дека добрососедството е главен аспект во процесот на проширување и изразил подготвеност, „без оглед на негативните пораки од Скопје, да ги обнови напорите за конструктивна билатерална соработка“. 

Румен Радев
Радев го чека исходот од изборите во Северна Македонија и исполнувањето на обврските од францускиот договорФотографија: BGNES

„План за подобра позиција“

Изјавата следи откако дел од македонските политичари изминатиот период најавија дека е можна промена на Преговарачката рамка. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати најавува дека гласањето за внесување на Бугарите во Уставот, треба да биде со одложено дејство - уставните амандмани да стапат на сила кога ќе биде донесена одлука Македонија да стане членка на ЕУ.  Партискиот лидер Христијан Мицкоски најавуваше дека доколку победат на изборите, има план како да издејствува подобра преговарачка позиција за Македонија.

Професорката Билјана Ванковска, кандидат за претседател на Левица, во предизборно интервју за МИА најавува дека прво што би направила е раскинување на договорот со Бугарија, како и отворање на уставна дебата и процедура за промена на целиот Устав.

Лидерот и претседателски кандидат на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски во рамките на изборната кампања во Валандово на 6 април рече дека мора да се најде начин и модел со кој ќе се модифицира Преговарачката рамка за да може да се придвижи евроинтегративниот процес на земјата. 

Според Димитриевски потребно е да се формира меѓународен тим, во кој ќе има преставници од Европската Унија (ЕУ) и кој ќе работи на прилагодување на рамката во делот на Францускиот предлог, според општествените околности во државата.

Нема подобра преговарачка рамка

За разлика од нив, власта тврди дека репреговарање на Преговарачката рамка не може да има. „Ако може некој да испреговара подобра преговарачка рамка јас прв ќе им честитам. Но, ги предупредувам дека нема шанса да се преговара една работа која е договорена со 27 членки. Таа преговарачка рамка е договарана неколку месеци, Франција беше само посредник, но сите други членки, вклучително и Бугарија се согласија. Утре може да имате најдобра идеја, но ако сите членки не се согласат останува оваа Преговарачка рамка“, порача претседателот Стево Пендаровски во неколку наврати изминатиот период.

Ист став има и владејачката СДСМ. „ДПМНЕ не може една амбасада да убеди, а не 27 земји членки на ЕУ да се смени преговарачка рамка. Го имаме најдобриот договор што можеше да го добиеме. Токму затоа што Преговарачката рамка е одобрена и прифатена од 27 земји членки на ЕУ“, порачаа од партијата на прес-конференција во февруари годинава.